Криволак: Почна мултинационалната вежба „Одлучен удар 21“

70

На „Криволак“, со воена церемонија за свечено отворање, официјално се означи почетокот на мултинационалната вежба „Одлучен удар 21”, на која покрај македонската учествуваат и Армиите на САД, Бугарија и Грција.

Командантот на Командата за операции која е носител на вежбовните активности, генерал-мајор Павле Арсоски во своето обраќање истакна дека преку вежбата „Одлучен удар 21“, како составен дел од големата „Defender Europe 21“ покажуваме дека како Армија сме подготвени да дејствуваме заедно и координирано со нашите партнери и сојузници.

Највисокиот воен претставник од НАТО, бригадниот генерал Џонатан Честнут во своето обраќање кон учесниците на вежбата, посочи дека заедничкото и напорно работење, одржувањето на колективниот дух, единството и солидарноста го прават овој сојуз посебен.

Директорот на вежбата, полковник Блаже Николовски, истакна дека успехот од реализацијата на „Одлучен удар 21“ е во рацете на сите учесници на вежбата и само со заедничка работа ќе успееме да го зголемиме нашето искуство, знаење и интероперабилност.

На вежбата ѝ претходеа неколкумесечни индивидуални и колективни теренски подготовки во разни ситуации со цел успешно извршување на поставените задачи кои ќе следат во текот на вежбата.

Целта на вежбата е споделување на стекнати знаења и размена на искуства помеѓу вооружените сили на земјите учеснички, преку заедничко извршување на поставените задачи во текот на вежбата, подобрување на нивото на интероперабилност на декларираните состави, извежбување со сојузнички армии, градење на меѓусебна оперативна синхронизираност помеѓу армиите во НАТО низ широк спектар на симултани операции, како и промоција на можностите кои ги нуди полигонот „Криволак“ за изведување вежбовни активности од поголеми размери.