Кривата на излекувани од ковид-19 расте, а се намалува бројот на заразени

Здравствените власти задоволни од тоа како се справуваат со коронавирусот Согласно последните трендови во однос на заболените и излекуваните од коронавирус бројките се исклучително охрабрувачки - вели министерот Филипче и нагласува дека од вкупно 1.511 случаи на заболени со коронавирус, излекувани се 945 лица.

139

Сè повеќе македонски граѓани го победуваат коронавирусот и оздравуваат. Како што вели министерот за здравство Венко Филипче кривата на излекувани пациенти од ковид-19 стрмо расте додека бројот на активни случаи има одличен пад.

-Согласно последните трендови во однос на заболените и излекуваните од коронавирус бројките се исклучително охрабрувачки, вели министерот Филипче и нагласува дека од вкупно 1.511 случаи на заболени со коронавирус, излекувани се 945 лица.

Од почетокот на состојбата со пандемијата во земјава досега 84 лица не успеаја да се справат со болеста, а во моментов во земјава заболени се 482 пациенти.

Досега во земјата се направени 17.246 тестови за ковид-19.

– Бројот на пациенти кои имаат индикација да се тестираат за ковид-19 деновиве  значително опаѓа и со тоа опаѓа и бројот на направени тестови – велат од ресорното министерство и дополнуваат дека од приватните лаборатории, барањата за тестирање се исто така значително намалени.

Што се однесува за времето на чекање за тестирање, тоа како што потврдуваат од Министерството за здравство е сведено на минимум. Во исто време се продолжува активно да се тестира согласно индикациите на сите пунктови и во сите лаборатории, но и будно да ја следи состојбата сè до целосно спласнување на епидемијата.

На Клиниката за инфективни болести во моментов хоспитализирани се вкупно 39 пациенти, од кои на кислородна поддршка е 21 пациент, а на механичка вентилација 1 пациент. Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се вкупно 23 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти, а уште 5 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат 3. Во болницата во Штип хоспитализирани се вкупно 4, а уште 4 се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 44 позитивни и суспектни на ковид-19.

Министерот Филипче информира дека е поставен системот со модулите во модуларната маневарска болница до Инфективната клиника. За најкраток временски рок, како што појасни, дуплирани се капацитетите на установата.

–Со финансиска поддршка на Швајцарската амбасада набавивме и поставивме „монтажни модули“, каде се сместени простории за болнички кревети, амбулантски и тријажен простор, соби за одмор на персонал, тоалети за пациенти и персонал, гардеробери и соби за состаноци, вели Филипче.

Тој појасни дека целата оваа структура е поврзана со „топла врска“ со зградата на Инфективната клиника, а во периодот кој следува ќе се доопреми и со потребната немедицинска опрема.

– Успеавме да ја амортизираме евентуалната оптовареност на Клиниката и даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита од коронавирус, дополни министерот Филипче. 

(В.Ма.)