Картонските кревети во олимпиското село предизвикаа многубројни коментари. Некои тврдат дека се создадени да го ограничат ширењето на коронавирусот и да спречат сексуални односи меѓу учесниците, а други дека е тоа само прашање на екологија.

Во апартманите за спортистите во олимпиското село, вградени се посебни кревети кои би требало да бидат еколошки прифатливи. Меѓутоа, многумина тврдат дека станува збор за „антисекс“ кревети, иако идејата за нивното создавање беше пред сè да се одржи физичка дистанца за време Игрите.

Идејата беше на креветот да може да спие само еден човек и да издржи тежина само на еден спортист (максимум до 200 килограми), со цел да се избегнат сексуални односи меѓу учесниците. Организаторите објаснуваат дека креветите прво се еколошки, изградени од картон, а по завршувањето на Олимписките игри ќе бидат 100% рециклирани.

Некои спортисти истакнуваат дека креветите се тврди, а еден ирски гимнастичар дури сними и видео како скока на креветот за да тестира и да покаже дека креветите не може лесно да се скршат.

Освен еколошките кревети, на Олимписките игри ќе има и олимписки факел изграден од алуминиумски отпад, а подиумот каде што ќе застанат медалистите е изграден од рециклиран домашен и морски отпад.

Олимписките игри стартуваат на 23 јули и ќе траат до 8 август, но за жал, без присуство на публика поради опасност од ширење на коронавирусот.