Крај за СЈО

Специјалното јавно обвинителство од вчера и официјално замина во историјата. Институцијата згасна со новиот Закон за Јавно обвинителство кој од вчера и официјално е на сила. Сите подигнати предмети од СЈО ќе се распоредуваат по јавните обвинителства за натамошно гонење. Согласно членот 110, незаконски прислушуваните разговори нема да можат да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО. Аудиозаписите и транскриптите од „бомбите“ за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог, односно тие не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката.

87

Специјалното јавно обвинителство и официјално замина во историјата. Со новиот Закон за Јавно обвинителство, кој беше донесен пред распуштањето на парламентот, престана важноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Вчера, вработените во СЈО го имаа својот последен работен ден и се збогуваа со оваа институција. На последниот работен ден, обвинителката и портпаролка на СЈО Ленче Ристоска моментот на последниот рaботен ден го опиша како горчливо-сладок.

– Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија, напиша Ристоска на социјалните мрежи. За неа СЈО, како што посочува, било симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост.

-Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципиелно и однесување со интегритет, пишува обвинителката Ристоска.

Со новиот закон за Јавно обвинителство, се гарантира дека постапките покренати од поранешното СЈО продолжуваат. Според законот, предметите од надлежност на СЈО, кои, пак, се преземени од јавниот обвинител Љубомир Јовески, се распоредуваат по јавните обвинителства за натамошно гонење. Согласно членот 110, незаконски прислушуваните разговори нема да можат да бидат основа за обвинение, освен во предметите поднесени до надлежен суд до 30 јуни 2017 година, како што предвидуваше законот за СЈО. Аудиозаписите и транскриптите од „бомбите“ за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог, односно тие не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во интервју за МИА уверува дека Јавното обвинителство е подготвено и со целосна посветеност и залагање ќе пристапи кон примената на одредбите од новиот Закон за Јавно обвинителство. Законските решенија, како што посочува, содржат добра основа за современо Јавно обвинителство, како надлежен орган за гонење на сторителите на кривични дела.

Во врска со предметите на СЈО, Јовески вели дека Обвинителството ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна.

-Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница, нагласува државниот јавен обвинител.

Со примената на новиот закон за ЈО, меѓу другото, Советот на јавните обвинители ќе треба да донесе одлука за зголемување на бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Законот предвидува Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, да постапува и за најтешките кривични дела како што се перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, примање поткуп, терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, тероризам, злоупотреба на постапката за јавен повик, како и за кривични дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Најголем дел од предметите покренати од СЈО во себе содржат сомневања дека обвинетите ги сториле овие кривични дела.

Согласно Законот за СЈО, во предвидениот рок СЈО подигна 20 обвиненија. Станува збор за предметите: „Титаник“, „Тврдина и Таргет“, „Транспортер“, „Т.Н.Т.“, „Титаник 2“, „Титаник 3“, „Тортура“, „Тврдина 2“, “Насилство во Општина Центар“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Тарифа“, „Триста“, „Тенк“, “Труст“, „Тотал“, „Тифани“, „Траекторија“ и “Тревник“, но епилог имаа само за неколку.

Најпознат на јавноста и е случајот „Тенк„, за кој затворска казна добија и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој избега од Македонија и стана политички азилант во Унгарија и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Случајот се однесува на набавката на блиндираниот мерцедес.