Крајот на пандемијата ќе се случи годинава, ама лузните ќе останат за цел живот

ЕКСПЕРТИТЕ ОПТИМИСТИ, ВО 2022 ГОДИНА ЌЕ СЕ СПАСИМЕ ОД ОПАСНИОТ ВИРУС

10875

Новата 2022 година иако стартуваше со разгорување на новата мутација омикрон, сепак, кај медицинските експерти и научници влеa нова надеж дека, сепак, човештвото ќе се справи со опасниот ковид-19. Милијардерот Бил Гејтс најави крај на пандемијата, а професорот д-р Драган Даниловски смета дека варијантата омикрон ќе биде последна која ќе нè вознемири и веќе од пролет сè ќе биде поинаку. За микробиологот д-р Никола Пановски, сојот омикрон е почеток на крајот на пандемијата. Новогодишна желба за 2022 година за професорот д-р Нико Беќаровски е омикронот да стане микронче.

Пандемијата со ковид-19 која веќе две години го стави светот во вонредна состојба, ќе се скроти, а вирусот ќе премине во ендемска болест, како и многу други болести со кои одамна живее човештвото. Во овие две години медицинската наука и фармација работеше деноноќно, се создадоа вакцините, нови лекови и нови методи со кои се приоѓа во лекувањето на болеста. Досега во светот над 7,5 милијарди дози вакцини се аплицирани од кои 57 отсто од светската популација примило барем една доза на вакцина. Но, и покрај сè, ковид-19 беше фатален за 5,5 милиони жители на планетата.
Новата 2022 година иако стартуваше со разгорување на новата мутација омикрон сепак кај медицинските експерти и научници влеа нова надеж дека се гледа светлината, а човештвото конечно ќе се справи со ковид-19.

Милијардерот Бил Гејтс најави крај на пандемијата. Според него акутната фаза на пандемијата ќе заврши годинава.

-Вакцините и новите ковид лекови ќе бидат решение. Светот е веќе подготвен да се бори со ковид-19. Блиску сме и до тоа, ако е потребно, да се модифицираат вакцините, вели Гејтс.

Оптимистички размислува и стручната медицинска фела во Македонија.
Професорот д-р Драган Даниловски смета дека варијантата омикрон ќе биде последна која ќе нè вознемири и веќе од пролет сè ќе биде поинаку.

-Добра вест е што третата доза на вакцина кај непрележаните, една доза кај прележаните, како и двојната прележаност со вирусот, го оспособуваат имунитетот да умее да се справи со било која варијанта на коронавирусот, па според тоа и со омикронот. Судбината на респираторните вируси е со тек на време да ја изгубат силата и да станат наши постојани сожители. Токму појавата на омикрон сојот е најава за тоа – вели д-р Даниловски.

Според него пандемијата ќе стивне, болните ќе оздрават, болката за трагично изгубените животи ќе се намали до некое подносливо ниво, но лузни ќе останат.

-Лузни поради постковид синдромот, лузни поради неможноста да се добие медицинска помош за други заболувања, лузни во душите – поради предолгото траење на стресот и стравот. Но најсилни ќе бидат лузните врз децата кои цел живот ќе ја паметат оваа пандемија, заклучува д-р Даниловски.

Професорот д-р Никола Пановски, како искусен микробиолог, укажува дека сојот омикрон е токму почеток на крајот на пандемијата. Според него, за шест месеци тоа ќе се случи.

-Брзото ширење на омикронот ќе нè донесе до крајот на пандемијата. Младите кои ќе се заразат ќе имаат лесни симптоми на болеста. Но неносењето на навреме мерки ќе предизвика поголем број на заразени, а прашање е колку од нив ќе завршат во болница, предупредува микробиологот Пановски.

За професорот д-р Нико Беќаровски новогодишна желба за 2022 година е омикронот да стане микронче.

-Секој ден сè повеќе верувам и знам дека желбава ќе ми се исполни. Омикронот можеби е позаразен, но е побезопасен за компликации и смртен исход, пишува д-р Беќаровски на својот ФБ-профил.

Оптимизам пристигнува и од познатиот епидемиолог д-р Предрак Кон, кој управува со Кризниот штаб на Србија од првиот регистриран случај заразен со ковид-19. Тој смета дека годинава сè ќе биде многу полесно, иако коронавирусот уште ќе биде присутен.

-Нема да биде иста болест, тоа на сите ни стана јасно со појавата на омикронот. Новата мутација најмногу ќе се шири кај невакцинираните. А природниот имунитет ќе биде најважниот фактор за одбрана од вирусот, смета д-р Кон.

Професорот д-р Горан Белојевиќ, познат како д-р Масерати, вели дека пандемијата не може вечно да трае.

-Варијантата омикрон е почеток на крајот на пандемијата, а тоа води кон постепено гаснење на вирусот. Тоа се природни закони на кои секоја пандемија подлежи, бидејќи не може вечно да трае, тврди д-р Масерати.

Д-р Фабио Скано, директор на канцеларијата на СЗО за Србија, вели дека крајот на пандемијата е прашање што сите нè засега.

-Јас немам кристална топка, но тоа што со сигурност можам да го кажам е дека пандемијата се стабилизира, благодарение на вакцинацијата. Затоа и во иднина да се продолжи со имунизација на населението, оти во некои земји во светот таа сèуште е на ниско ниво, вели Скано.

Дека пандемијата ќе се реши токму годинава, смета и д-р Маријо Парчина, епидемиолог и микробиолог од Бон.

-Секоја сериозна пандемија трае три години, па годинава таа треба да се реши. Ковид-19 станува прав респираторен вирус и тоа нè прави среќни, вели д-р Парчина.

Според него, во иднина акцент ќе се стави на децата над пет години кои ќе треба да примат вакцина, но првенствено оние што имаат здравствени проблеми.

Д-р Андреј Трампуж, директор за тестирање во Лабораторијата за инфективни болести во Берлин, за балканските медиуми вели се ближи крајот на сетоа ова.

-Мислам дека наскоро ќе биде крајот на пандемијата. Можно е да се појави друг вид кој ќе акумулира нови мутации. Бидејќи имаме толку многу нови инфекции, вирусот има способност да продолжи да мутира. Единственото нешто што можеме да направиме е да ја забрзаме вакцинацијата и второто додека не ги достигнеме 80 проценти вакцинираност да носиме маска во затворен простор, а доколку ситуацијата е критична, како што очекуваме, можно е целосно „заклучување“ во јануари, вели Трампуж.

(В.Ма.)