„1 тон сладолед“ е наслов на новиот кратокометражен игран филм во режија на Сандра Ѓоргиева чие снимање заврши вчера. Филмот се снимаше на локации низ Скопје, а овој месец ќе биде претставен на Филмскиот фестивал во Сараево (13-20 август). Претставувањето е во рамки на програмата „Рack and pitch“ како проект во фаза на изработка, каде младите филмски работници или „Сараево таленти“, ќе имаат можност да ги претстават своите проекти.

Главните улоги во филмот „1 тон сладолед“ ги толкуваат Јелена Јованова-Периќ, Бодан Киранџиски и Јована Иванова.

Приказната ја следи агонијата и психолошката борба на 15-годишниот Ведран (Бодан Киранџиски), како последица од застрашувачки настан во неговиот живот. “Тој се обидува да ги поправи работите, но наместо тоа, се опседнува со апсурдно и манично однесување кон Ева (Јелена Јованова Периќ) и нејзината ќерка (Јована Иванова), барајќи прошка од нив, наместо проштавајќи си себеси“, соопшти „ОХО Продукција.

Режисерката Ѓоргиева е автор и на сценариото заедно со Јаков Поповски, а директор на фотографија е Ѓорѓи Клинчаров. По успехот со својот прв филм, воедно и првиот македонски филмски мјузикл „Црно бело“, Ѓоргиева е повторно  поддржана од Агенцијата за филм.