Коњановски: Во Битола асфалтирани и обновени улици во должина од осум километри

48

Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ со чесна работа успеваат да го реализираат ветеното и покрај тоа што Владата им ги намалува буџетските трансфери, изјавија градоначалниците на општините Битола и Аеродром на денешната заедничка работна средба во Битола.

Според градоначалникот Муцунски општинска администрација предводена од градоначалникот Коњановски реализирала тоа што го ветила во текот на кампањата која заврши пред 6 месеци.

-Сите градоначалници ширум државата имаат сериозни предизвици, поврзани со цената на електричната енергија и другите расходи кои се појавуваат како резултат на глобалната економска и финансиска криза. Истовремено не само што нема поддршка од Владата, туку сме сведоци на постојано намалување на буџетските трансфери кои следуваат на општината, посебно поврзани со образованието и градинките, но сепак се реализира тоа што се ветува, истакна Муцунски по средбата со својот домаќин во Битола.

Во изјава за медиумите, градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски потсети дека во период од шест месеци од преземањето на општината, во градот се асфалтирани и реконструирани улици во должина од осум километри.

-Главната тема на нашиот разговор беа проектите поврзани со подобрувањето на инфраструктурата, но и хортикултурното уредување, создавање на нови зелени површини, тоа впрочем е и интенција на Општина Аеродром. Урбанистичко планирање на просторот, подигнување на хигиената, дигитализацијата и услугите и други теми поврзани со сите сфери кои се во надлежност на локалната самоуправа, истакна Коњановски.

Еден од најголемите проекти кој е во фаза на  реализација, дополни, е тој за реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици во Општина Битола, а во руралните места се врши реконструкција на патот за село Дихово, како и на коловозот на главниот уличен крак за селото Логоварди. Тоа,  вклучувајќи ги и улиците кои ги асфалтиравме во првиот месец по нашето доаѓање, е во должина од некаде осум километри за период од само шест месеци. Од капиталните проекти, пред почнување сме на постапка за јавна набавка за изработка на проект за изградба на нова противпожарна зграда, едно од нашите ветувања. А, како резултата на зајакнувањето на меѓународната соработка идниот месец, преку донација на Република Франција  ќе го надополниме и возниот парк во противпожарната единица со три возила,

Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски со својот домаќин, попладнево заедно во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе го следат дерби кошаркарскиот натпревар меѓу екипите на Пелистер и МЗТ Скопје.