Дали за училиштата да заштедат струја, учениците ќе треба и годинава да имаат онлајн настава, или ќе треба да се продолжи зимскиот распуст, па да се учи на лето? Дали трошокот за затоплување наместо на училиштата ќе падне на товар на семејствата кои имаат ученици, бидејќи при онлајн настава или продолжен распуст децата ќе седат дома, а просториите во домот ќе треба да бидат загреани цел ден? Дебатата по овие прашања деновиве стана актуелна, откако градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, а со цел да нема високи трошоци за затоплување на училниците и останатите училишни простории, предложи учениците во зимските месеци да имаат или онлајн настава или продолжен распуст.

Како што предлага Таравари, бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година, зимскиот распуст за учениците да трае два месеца, во декември и јануари или во јануари и февруари, така што децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни, а новата учебна година да започне на 15 август. „Или евентуално во трите месеци од зимата, декември, јануари и февруари наставата да биде онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега ова повторно да не се примени во насока на заштеда на електрична енергија. За ова ќе ни треба поддршка од Министерството за образование и ЗЕЛС, а нас нè поддржуваат и други градоначалници“, изјави градоначалникот на Гостивар.

Засега оваа идеја не ја прифаќаат ниту Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, ниту Владата, ниту пак опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

За СОНК, онлајн наставата не е прифатлива, а Синдикатот ги повика и Владата и ЗЕЛС заедно да изнајдат прифатливо решение за надминување или ублажување на енергетската криза во училиштата. „Наставата од далечина не е прифатлива опција на најзасегнатите: учениците, родителите и наставниците“, стои во нивната објава на „Фејсбук“.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, рече дека овие две институции треба сериозно да пристапат на овој проблем, бидејќи, како што рече доколку наставата се одвива онлајн личните трошоци на наставниците би се зголемиле.

„Сите предлози според мене се добредојдени, меѓутоа на смееме да заборавиме под број еден на квалитетот на наставата, под број два интересот на луѓето кои ја реализираат наставата, а тоа се практично и наставниците. Од тој аспект ние и побаравме овие две надлежни институции многу сериозно да пристапат, се разбира да нè вклучат и нас во изнаоѓање на решение бидејќи наставниците евентуално ако би работеле од дома би правеле лични, сопствени трошоци кои што не ни одат нас во прилог“, вели Неделков додавајќи дека како просветни работници во никој случај не се за настава на далечина, зашто квалитетот за учење уште повеќе ќе опадне.

„Онлајн наставата е нешто најлошо за децата, тоа не е добро за сите“, вели Неделков.

И од Владата порачаа дека во интерес на учениците е да посетуваат настава со физичко присуство. „Владата за справување со предизвиците од енергетската криза е во комуникација со сите засегнати страни преку Министерството за образование и наука“, посочи портпаролот на Владата, Душко Арсовски, кој истакна и дека од Министерството се исплаќаат дотации до општините.

И за професорката Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ, наставата со физичко присуство е најдобрата и најефективна форма во која треба да се реализира воспитно-образовниот процес на учениците, но ја повика Владата да обезбеди непречено работење на училиштата, бидејќи тоа е нејзина обврска.

„Ако Владата има пари за нови автомобили во време на криза, за скапи прослави на рамковни договори, скапи, непотребни патувања и за слични нелогичности, тогаш мора да има пари и за непречено работење на училиштата, со затоплување и сè друго што е неопходно. Во спротивно, трошокот за струјата оди на семејствата. При онлајн настава родителите ќе плаќаат за вклучени компјутери, таблети, греалки во детските соби. Ја потсетувам Владата дека оваа година заради високите цени на струјата, парното и другите видови огрев, одреден број на семејства нема да можат да си дозволат целодневно греење. Поради огромната инфлација, тие нема да можат да си дозволат ни таблети, лаптопи, фотокопии, а некои деца може да останат и без оброк“, посочува Јаневска во својата фејсбук-објава.

Јаневска воедно смета дека онлајн наставата во изминатиот период не дала задоволителни резултати во Македонија. Таа ѝ предлага на Владата: да ги покачи блок-дотациите на општините, училиштата од индустриска струја да ги префрли на тарифа како за домаќинства, потоа, да одреди, според временските услови, неколку дополнителни пократки распусти, со обврзно продолжување на училишната година во месец јуни, исто така да не прави никакви интервенции во наставните програми (скратување), како и секаде каде што е можно да воведе настава во една смена или да го повлече почетокот на втората смена порано.

Како антикризна мерка, Јаневска ѝ предлага Владата да ги спречи коалициските партнери, кои ја држат централната власт и дел од локалните самоуправи, да копаат криптовалути во училиштата и другите институции и установи. „Така трошоците ќе бидат помали, а струјата ќе се реалоцира за тоа што навистина треба“, додава Јаневска.