Кој ќе оди во пензија, а кој ќе продолжи да работи наместо законот, да решаваат работникот и работодавецот

Опозицијата смета дека ако се прифати предлогот на групата пратеници од владејачкиот блок за задолжително пензионирање кога ќе се оствари старосниот услов ќе се отвори врата за партиски вработувања во јавниот сектор. Се стравува и дека Фондот за ПИО финансиски нема да го издржи напливот на нови пензионери. Планирано е за следната година Фондот да обезбеди 1,1 милијарда евра свои пари, а од државниот буџет да добие уше 550 милиони

306

Вработените и понатаму да имаат можност да го продолжат работниот однос и по исполнување на условот за старосна пензија, за да не останат компаниите без стручен кадар, бараат работодавците. Со сличен став е и Сојузот на синдикатите на Македонија, каде сметаат дека треба да се остави можност за работа и по навршување 64 години кога за работното место не може да се обезбедат соодветни стручни работници.

Наскоро Собранието треба да се изјасни за измени на Законот за вработување со кои е предложено мажите задолжително да одат во пензија со 64, а жените со 62 години. Како исклучоци од ова правило во предлогот за законски измени изготвен од група пратеници од владејачкиот блок се наведени само здравствените работници и универзитетските професори.

Според предлагачите, тоа би бил начинот на кој би се решил вишокот вработени во јавниот сектор, од каде има и најголем број продолжувања на договорите за работа. Со Законот за работни односи кој сега е во сила е предвидено работникот кој исполнил услов за старосна пензија најдоцна до 31 август во годината да побара да му се продолжи работниот однос на една година, а такви барања може да поднесува секоја година додека не наполни 67 години. Работодавецот, пак, не смее да го одбие работникот.

Бизнисот бара ова да се модифицира, па да се применува кога постои заемна волја за продолжување на работниот однос помеѓу работникот и работодавачот.

-Би било погубно задолжително да се оди во пензија. Ако работникот се чувствува здрав и сака да работи и работодавачот исто така сака да го задржи, ако и двете страни, и работникот и работодавачот се согласни, тој би требало да може да продолжи да работи, вели Ангел Димитров, претседател на  Организацијата на работодавачи на Македонија.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски го пренесува ставот на најголемиот синдикален сојуз во државата дека продолжувањето на работниот однос и по навршени 64 години треба да се однесува за случаи кога за работното место не може да се обезбеди соодветен стручен кадар и кога постои заемна волја за продолжување на работниот однос помеѓу работникот и работодавачот.

Опозицијата реагира дека предлогот на владејачките пратеници е противречен и дека може да се искористи за дополнителни партиски вработувања, кога на местото на пензионираните административци за кои нема замена, како што најавуваат предлагачите ќе дојдат млади, квалификувани кадри.

Постои и стравување околу тоа дека Фондот на пензиско и инвалидско осигурување нема да го издржи поголемиот наплив на нови пензионери што би се случил ако предложените законски измени се усвојат такви какви што се. Според податоците што неодамна ги објави Министерството за труд и социјална политика околу 6.000 лица и од јавниот и од приватниот сектор до крајот на годинава го исполнуваат условот за старосна пензија, но дел од нив нема да се пензионираат, зашто „го фатиле последниот воз“ и до крајот на август годинава поднеле барање да им се продолжи договорот за работа. Има и изјава од премиерот Зоран Заев дека околу 10.000 вработени во јавната администрација со исполнет услов за старосна пензија од претходно го користат правото да не се пензионираат, туку да продолжат да работат.

Од Министерството за труд и социјална политика уверуваат дека Фондот за ПИО е во добра кондиција и може да ги финансира новопечените пензионери.

Според статистиката на Фондот на крајот на октомври во државата имало 324.379 корисници на пензија. За исплата на пензиите годинава Фондот од свои средства ќе  потроши над 900 милиони евра, а следната година од придонеси би требало да собере и на пензионерите да им подели 1,1 милијарда евра. Но, тоа нема да биде доволно, па за пензиите ќе се издвојат пари и од државниот буџет, како што се практикува во последнава деценија и повеќе. Во буџетот за наредната година како трансфери за ПИОМ се предвидени 515 милиони евра.

(С.В.)