Кој сè е во македонската олимписката делегација на ЛОИ во Токио?

246

На социјалните мрежи се појави списокот на Македонскиот олимписки комитет, на кој се гледа дека во македонската делегација во Токио се и членови на семејствата на првите луѓе на МОК, Даниел Димевски и Владимир Богоевски, како и на директорот на АМС, Наумче Мојсовски

Македонскиот олимписки комитет (МОК)  на ја информираше јавноста за  евентуалните награди доколку нашите олимпијци освојат медал на Олимписките игри во Токио, а не информираше и кој сè освен спортистите и тренерите ќе биде во македонската делегација на Игрите во Токио.

Меѓутоа, на социјалните мрежи се појави списокот на Македонскиот олимписки комитет, испратен до техничката национална група за вакцинација, со лица за приоритетна вакцинација заради патување на Олимписките игри во Токио. Еден од тие што на својот профил на социјалните мрежи го објави списокот беше македонскиот ракометен голман Борко Ристовски.

На овој список се гледа дека во македонската делегација во Токио се и членови на семејствата на првите луѓе на МОК, Даниел Димевски и Владимир Богоевски, како и на директорот на АМС, Наумче Мојсоски.

Не долго по излегувањето на ваквиот список со соопштение се огласија и од Македонскиот олимписки комитет. Информираа дека олимписката делегација во Токио е во состав: Владимир Богоевски – шеф на делегација, Небојша Настов – доктор,  Дејан Георгиевски – спортист, Дарко Костовски – тренер, Борче Костовски – тренер, Филип Додевски – спаринг партнер, Миа Блажевска Еминова – спортист, Филип Деркоски – спортист, Илија Стојановски – тренер, Јован Стојоски – спортист, Марина Мишиќ – тренер, Борјан Бранковски – спортист, Јордан Тасевски – тренер, Пулексенија Јованоска – спортист, Стојан Андриевски – тренер, Арбреша Реџепи – спортист, Горан Мицкоски – тренер,  Магомедгаджи Нуров – спортист, Могамед Ибрагимов – тренер.

Сите овие се сместени во Олимпиското село во Токио, а во согласност со правилата на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), официјални гости за кои трошоците за престој и пат ги поднесува исклучиво ИОК се Даниел Димевски – претседател, Сашо Поповски – генерален секретар, Наумче Мојсовски –  висок државен претставник (директор на АМС), сите со по еден член во придружба.

-Олимпискиот комитет на Северна Македонија ниту има закупено хотелски соби ниту има платено какви и да било финансиски средства за оваа намена која е во целост финансиски покриена од страна на ИОК за сите погоренаведени лица. Излезот на спортистите надвор од Олимпиското село не е дозволен, можни се само настапи на спортските натпревари, а официјалните лица не смеат да излегуваат  од хотелот, нивниот престој е исклучиво во работна функција и договарање на нови Олимписки програми и проекти, се вели во соопштението од МОК.

Фото: МОК