Кој со кого нема да коалицира по изборите

68

Викендов кој е зад нас, партиите го обелeжаа со конгреси, партиски собири,  во рамки на изборите кои се неизвесно дека ќе се одржат претстојната пролет.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети од Четвртиот конгрес на партијата, беше реизбран за лидер на ДУИ, а од таму порача дека без почитување на Рамковниот договор како и на договорите со Грција и со Бугарија не треба да сметаат на евентуална коалиција со ова партија. Трите договори рече ги смета за затворени прашања.

Тој додаде дека ДУИ е во комуникација и соработува со сите политички партии, разлики имало, има и сега, но рече, разликите не смеат да ги стават под прашање интересите на општеството и државата. Најави и победа на претстојните предвремени избори.

Опозицискиот лидер пак викендов во интертвју за радио Слободна Европа, во врска со можноста за коалицирање со ДУИ, посочи дека доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, имаат принципиелен став дека ќе коалицираат со секоја политичка партија која ќе ја прифати нејзината платформа, односно политичка програма.

– Ќе седнеме, ќе разговараме, ќе преговараме и зошто да не и ќе коалицираме. Немаме преференци кон ниту една, имаме релации со сите политички партии коишто се претставници на Албанците, имаме со политичките партии коишто не се претставници на Албанците, туку на другите етникуми итн, така што ќе имаме програма на масата и доколку најдеме точка на поврзување, зошто да не, посочи Христијан Мицкоски .

Министерот за транспорт и врски и член на владеачката СДСМ, Горан Сугарески, пак, вчера изјави дека фокусот на социјалдемократите во моментот е на спроведување демократски избори на 12 април, а за коалицирањето ќе се одлучува по изборите.

– Ние сме сконцентрирани сега на тоа на 12 април да се случат демократски избори на кои што убеден сум СДСМ ќе победи. Во делот на коалицирањето ќе се случува по тоа, изјави Сугарески на прес-конференција запрашан дали повторно се отвара патот за коалицирање на СДСМ со актуелниот коалициски ДУИ по изјавата на Али Ахмети.