Кој се богати на сметка на државата со субвенционирана струја?!

Енергетските експертите велат дека РКЕ, ЕВН и другите надлежни институции треба да понесат одговорност зашто не реагирале навреме, бидејќи таа струја е субвенционирана од државата и не смее да се користи за копање биткоини и за други бизниси. Граѓаните на социјалните мрежи велат дека не им е јасно како тоа така лесно се кажува без никаква одговорност, а веќе 6 месеци сме во кризна состојба. Зошто досега не се стори ништо, кој профитирал и плаќал евтино за скапо купена струја? Енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков предупредува дека цената на струјата ќе продолжи да расте, бидејќи државата нема пари толку долго да им помага на домаќинствата преку субвенционирање на цената на струјата.

575

Не престануваат реакциите од јавноста и експертите по информацијата од Регулаторна комисија за енергетика дека 17 семејства во државата трошат 10 отсто од вкупната потрошувачка на домаќинствата или една третина од вкупниот хидропотенцијал. Енергетските експертите велат дека РКЕ, ЕВН и другите надлежни институции треба да понесат одговорност зашто не реагирале навреме, бидејќи таа струја е субвенционирана од државата и не смее да се користи за копање биткоини и за други бизниси. Граѓаните на социјалните мрежи велат дека не им е јасно како тоа така лесно се кажува без никаква одговорност, а веќе 6 месеци сме во кризна состојба. Зошто до сега не се стори ништо, кој профитирал плаќал евтино, за скапо купена струја? Граѓаните, исто така, прашуваат како и зошто овие 17 домаќинства трошат толкава количина на струја. Дел од коментарите се дека РКЕ ја штити ЕВН и не дава да има конкуренција со тоа се крадат граѓаните од страна на ЕВН-Австрија.

Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски на прес-конференција информира дека 17 семејства во државата трошат 10 отсто од вкупната потрошувачка на домаќинствата што е околу 330 милиони киловат часови или приближно 30 проценти од домашното производство од хидроелектраните во сопственост на ЕСМ. Немаме против да трошат, колку сакаат ќе трошат, но тие домаќинства со енормна потрошувачка ќе плаќаат цена блиску до пазарната, посочи Бислимоски.

Оваа изјава ги налути експертите, според кои на тој што троши толку многу не смее да му се дозволи да троши по субвенционирана цена.

Главниот советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија на Фејсбук напиша дека податоците се фрапантни и неверојатни, според нив само 17 семејства трошат колку други десетици илјади семејства.

-Според Регулаторна комисија за енергетика, од вкупно 660 илјади семејства во земјава, само 17 семејства трошат дури 30 отсто од целото годишно производство на нашите хидроцентрали. На тој што троши толку многу не смее да му се дозволи да троши по субвенционирана цена. Затоа цело време муабетот е дека какви и да се мерките, тие треба да бидат насочени кон ранливите групи на граѓани, напиша Јовановски.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека не е против субвенционирањето на сиромашните граѓани, но оти треба да се знае за кого се субвенционира цената на струјата од страна на државата. Според него, повисоката цена може само да ја намали потрошувачката на струјата. ЕВН парите нема да ги даде ни на сиромашните граѓани ни на сиромашната држава.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, обвинува за копање криптовалути во училишни објекти.

-Имам информации дека во училишта кои се раководени од ДУИ се копаат криптовалути, каде што е полицијата и што преземаат институциите. Кога ќе имам повеќе и конкретни информации и имиња ќе излезам јавно на прес-конференција, изјави Села во телевизиско гостување.

За колкаво енормно количество струја се работи може да се види ако се знае дека една четвртина или околу 25 проценти од целата произведена струја во Македонија е од хидроцентрали.

Како и за што 17 семејства трошат 30 отсто од македонскиот хидропотенцијал без да се работи за криминал треба да објасни претседателот на РКЕ и Владата, прашуваат енергетските експерти.

-Регулаторна е должна да испита кои се тие 17 семејства, бидејќи домаќинствата не трошат толку многу струја. Оваа струја е потрошена за копање на биткоини и за некои други бизниси, но не може некој да се богати на сметка на државата. Оваа струја е субвенционирана од државата и овие постапки се недозволени. И ЕВН треба понесе одговорност, бидејќи ненавремено реагирала. Таа можела да ја види потрошувачката преку читање на броилата и веднаш да и сигнализира на РКЕ или на некоја друга надлежна институција да преземе мерки, изјави за весникот ВЕЧЕР, енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.

Според него, цената на струјата ќе продолжи да расте, бидејќи државата нема пари толку долго да им помага на домаќинствата преку субвенционирање на цената на струјата.

И претседателот на РКЕ рече дека не е оптимист дека ќе има намалување на цените на електричната енергија под 200 евра за мегават час не само на регионалната берза, туку и на останатите европски берзи и додаде дека тоа ќе прави сериозен притисок на македонските компании кои се на слободниот пазар на електрична енергија.

Од ЕВН информираат дека неовластеното преземање електрична енергија претставува кривично дело што се казнува со издржување казна затвор. ЕВН лани открила повеќе од 650 случаи на неовластено преземање електрична енергија. Меѓу нив, има и многу копачи на криптовалути. Од компанијата велат дека сите манипулации со броилата порано или подоцна ќе бидат откриени.

Новиот тарифен модел за струјата може да падне на Уставен, тврдат експертите

Експертите предупредуваат дека новиот тарифен модел за наплата на потрошената струја кој треба да стартува од 1 јули, многу лесно може да падне на Уставен суд. Според нив, планот на Регулаторната комисија за енергетика за тарифирање во неколку блокови согласно со потрошувачката е проблематичен бидејќи ги става граѓаните во нееднаква положба. Клучно е како би се дефинирале разликите помеѓу социјални категории на граѓани  и дали ќе има правична наплата по потрошувачка.

Се поставува прашањето дали се сите граѓани еднакви во државава или постои разлика меѓу нив. Поради тоа, веќе се најавува дека овој модел на наплата на струјата по тарифи може да падне на Уставен суд.

Новиот тарифен модел, според РКЕ, ќе се воведе за да се решат проблемите во наплатата и потрошувачката. Познавачите велат дека тарифникот да ја намали потрошувачката на големите потрошувачи, но, според нив, ваквите промени требало да се направат многу порано.

Новиот тарифник кој треба да стартува од 1 јули заедно со новата цена на струјата, а вклучува три или четири блока по примерот на соседните земји.

Според податоците  од РКЕ, 660 илјади домаќинства во државава или 22 отсто месечно трошат до 100 киловат-часови, 20 отсто трошат од 500 до 1.000 киловат- часови, а дури 53 отсто од потрошувачката е на скапа струја.

(А.С.)