Со скриена игра и организирано дејствување, поврзано со изградбата на хотел Мериот-Градска куќа-Офицерски дом на плоштадот „Македонија“ во Скопје, некој сака да му наштети на инвеститорот на овој објект, Сергеј Самсоненко,човекот кој на македонската јавност ú е познат како бизнисмен и сопственик на спортскиот клуб „Вардар“.

Случајот со изградбата на хотел Мериот-Градска куќа-Офицерски дом на Плоштадот во Скопје  е пријавен во МВР и во други надлежни институции, но со оглед на тоа што договорот е склучен со државата, а материјалната штета е голема, не е исклучено целата работа да заврши пред меѓународните судови.

Сомнежите на адвокатот на бизнисменот Самсоненко,  Александар Новаковски, се темелат на низа незаконски дејствија на фирма доверител која со фалсификуван договор заверен кај нотар има непостоечко побарување од Самсоненко, со цел,  како што оценува, да му се наштети, што меѓу другото, би резултирало и со негово оневозможување  да вложува во македонскиот спорт.

Самсоненко тврди дека  договорот за изградба на објектот на скопскиот плоштад го добил на најтранспарентен начин од државата  и притоа ги платил сите дотогаш доспеани долгови. Но, поради инвестициите кои ги направил во спортот, дошло до извесно доцнење во плаќањето на фирмите кои биле ангажирани за изградба на објектот. Проблемот со сите доверители, освен со еден бил решен со меѓусебен договор за подоцнежна исплата.

-За жал, само еден од соработниците немаше разбирање за ситуацијата и презема низа активности кои кај мене предизвикаа сомневања за неговите намери. Од сегашен аспект тоа се докажа и потврди, посочува Самсоненко и додава дека сево ова било проследено со непријатности за него, но тој, сепак не престанува да верува во правдата  и во правниот систем и институциите на државата.

Неговиот адвокат Новаковски во заткулисните игри кои завршиле со поднесување барање за стечај кон фирмата „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ која е сопственик на објектот и е гарант за плаќањето, наоѓа и елементи на незаконски дејствија на доверителот. Исто така, открива фалсификуван договор со што се покажало дека долгот што го барал доверителот всушност не постои. За да биде иронијата поголема,  истиот тој доверител и претходно соработувал со Самсоненко на изградбата на хотелот „Русија“, спортската сала „Јане Сандански“ и на други објекти.

Адвокатот појаснува дека со таа фирма во јули 2016 година бил склучен договор со кој „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ гарантира за наплата на долгот од „БАЛКАН ГРУП КОНСТРАКШН“, компанија кој е носител на договорот за изградба на објектот, потпишан со Министерството за транспорт и врски. Пред една година  фирмата доверител побарала со нешто да се гарантира долгот, па на 23 ноември лани бил направен записник за признавање на долг.

-Од овде започнува нашето основано сомневање дека има некоја скриена игра и организирано делување, како и сомнежи за сторени незаконски дејства, вели Новаковски.

Имено, на Самсоненко тогаш не му било кажано дека неколку дена претходно, на 18 ноември, е солемнизиран Договор за деловно техничка соработка, за што никој немал овластување.

-По неколку дена сопственикот е известен од банката дека се блокирани сметките на „БАЛКАН ГРУП КОНСТРАКШН“ и „СИС ИНВЕСТ ГРУП“ од страна на фирмата која даде предлог за отворање стечај, појаснува Новаковски и додава дека договорот за деловно –техничка соработка всушност бил фалсификуван, зашто од претходно  постоеле договори за градба и за гаранција.

Адвокатот извршил увид во нотарската канцеларија која го заверила тој договор и утврдил дека има извршна клаузула, но без сума, а потврдата за извршност била издадена на 119 милиони денари. Како доказ бил приложен записникот за признавање на долгот, кој не бил солемнизиран. Исто така, адвокатот  констатирал дека е направен фалсификат, зашто солемнизираниот договор со клаузула за извршност не бил тој од 2016 година, иако ги имал истите архивски броеви, но бил дополнет.

-Се поведе постапка за ништовност на клаузула за извршност пред Основен граѓански суд Скопје, во која ги доставивме и списите од нотарот и сите други докази, изводите од архивските книги. Се сослушаа сите странки и сведоци, како и нотарот, за на крај судот да го одбие тужбеното барање со многу нејасно образложение, кое воопшто не произлегува од фактичката состојба, тврди  Новаковски.

И покрај ова, врз основа на спорната клаузула, се покренува стечајна постапка, но не врз главниот должник, туку врз гарантот „СИС ИНВЕСТМЕНТ ГРУП“, кој истовремено е и сопственик на објектот.  Стечајот се отворил и покрај тоа што на стечајниот судија и управник им биле доставени машинско и економско вештачење преку кои можело да се утврди дека долгот на постои. Од адвокатската канцеларија информираат и дека во февруари оваа година била поднесена кривична пријава против три лица, но од непознати причини не се процесуирала и не се преземале дејствија.

-Има толку многу случувања што ни дава сомнеж дека се работи за организирана шема во спрега со фирми, посредници и дел од надлежните, позната во светот како организирано преземање  на објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Сево ова ниту може да е случајно, ниту пак може да се организира без спреги на други субјекти, смета адвокатот Новаковски, кој вели дека за сите тврдења има документација, а се сомнева дека целта е да му се наштети на Самсоненко чии деловни потфати, како во економијата, така и во спортот се доведени во прашање.

-Во оваа држава, која ја чувствувам како своја, се радувам што успеавме да го вратиме спортскиот дух и ниту еднаш не се посомневав дека мојата одлука да вложам труд и финансиски средства во неа е исправна. Мојот труд и инвестиции не се само во афирмација на спортот туку и во инвестирањето и изградба на значајни објекти. За жал, дојде момент кога се соочив со непријатни случувања и луѓе кои се обидуваат да го оспорат и да го негираат моето работење и труд кои резултирале со успех, вели Самсоненко.