Кој пие млеко зачинето со отровниот линдан во скопско Драчево? 

502

Линданот, како остаток од процесот на работење на фабриката ОХИС, е складиран на двете депонии (малата и големата) во кругот на овој поранешен хемиски гигант и од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци. Поради тоа, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) направи план за отстранување прво на малата депонија со опасниот линдан и негово изнесување од државава, а во следна фаза, која ќе биде многу поскапа, ќе биде опфатена и големата депонија.

Меѓутоа, малку е познато во јавноста дека постои и трета депонија каде што бил складиран линдан и се наоѓа на територија на Драчево. До пред некоја година не се знаеше каде е точно оваа депонија, но по кажувањата на поранешни вработени на ОХИС, кон крајот на 2018 година од МЖСПП точно ја лоцираа – во месноста викана Пеленице. Линданот на оваа локација исто така потекнува од ОХИС, каде го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија, бидејќи во тоа време не се знаело дека тој е канцероген и сметале дека е обичен прашок.

За да се спречи изложеност на луѓе и на животни од испарувањата од опасниот отпад кој се проценува на 8 илјади тони, иако депонијата е покриена со земја, од МЖСПП го оградија просторот со метални столпчиња и мрежа и поставија табла со предупредување да се избегнува, а претходно испратија допис Министерството за образование и наука да не се организираат училишни екскурзии на Пеленице.

Ваквото предупредување некои не ги вознемирило, па на неколку места ја тргнале мрежата и сега во оградениот простор се напасуваат овци, кози, крави.

– На 20 октомври направив увид на локацијата. Имаше три-четири паднати столпчиња и на две места мрежата беше отстранета, најверојатно некој ја тргнал за да направи слободен премин за добитокот кој се напасува во внатрешноста на просторот. Тоа не е пожелно бидејќи има испарување од линданот и поради тоа воздухот и тревата се контаминирани – изјави за весникот ВЕЧЕР, Пејо Кировски, виш инспектор за животна средина кој е раководител на Одделението за инспекциски надзор во животната средина – Скопски регион.

За увидот на лице место тој го информира МЖСПП дека треба веднаш да се преземат мерки за санирање на оштетениот дел од оградата и поставување на информативна табла, бидејќи предупредува дека задржувањето на локацијата влијае врз здравјето на луѓето и добитокот.

Според лекарите, изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан.

– Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта, како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем – предупредуваат лекарите.

Кировски информира дека сè уште не е почнато отстранувањето на линданот од малата депонија во кругот на ОХИС, иако според најавите требаше да стартува кон средината на минатиот месец.

– Пристигната е опремата за монтирање на балонот во кој, во затворен простор ќе се копа линданот за да не се шири прашината во околината. Стигната е и амбалажата во која ќе се пакува линданот и контаминираната земја и кои потоа ќе се транспортираат надвор од државава на уништување. Од Англија дојдоа експерти за опасен отпад кои објаснија за начинот на препакување, а треба да се направи и обука за оние кои ќе работат во балонот – вели Кировски.

Работите околу малата депонија и се доверени на грчката фирма „Полиеко“, а според прецизно пропишаната процедура ќе се копа до 1,7 метри длабочина, односно до дното на бетонските корита, а потоа ќе се откорне и бетонот со цел да се види дали пестицидот пенетрирал во почвата. Загадената почва и линданот ќе бидат спакувани во посебни непропустливи контејнери кои се одобрени од ОН и ќе бидат извезени во согласност со Конвенцијата од Базел и националните регулативи и ЕУ-регулативите, ќе бидат извезени во Франција (линданот) и во Холандија (контаминираната земја) за нивно конечно уништување.

(С.Бл.)