Дали имало или не незаконско одлевање јавни пари кон приватните превозници, треба да покажат ревизорските извештаи што се прават во Град Скопје и во ЈСП. Извештаите ќе дадат одговор дали Градот исплаќал повеќе од она што требало според приложените финансиски извештаи или, пак, навистина им должат пари на превозниците за сработеното, поради што се поставени и блокадите на неколку клучни скопски раскрсници како вид на притисок да си ги добијат средствата за да можат да продолжат со работа.
Граѓаните, кои се најголеми жртви на протестите, сметаат дека со факти и докази ќе се открие вистината и ако некој некому должи, да му биде исплатено, а ако се манипулирало, треба да се докаже и тужи
Дали имало или не незаконско одлевање јавни пари кон приватните превозници, треба да покажат ревизорските извештаи што се прават во Град Скопје и во ЈСП. Извештаите ќе дадат одговор дали Градот исплаќал повеќе од она што требало според приложените финансиски извештаи или, пак, навистина им должат пари на превозниците за сработеното, поради што се поставени и блокадите на неколку клучни скопски раскрсници како вид на притисок да си ги добијат средствата за да можат да продолжат со работа.
– Од превозниците веќе имаме документи, а од ЈСП е побарано да се достават сметководствените извештаи до Зелен хуман град. За танго се потребни двајца и мора со факти и докази да се открие вистината – коментираат од Зелен хуман град.
При тоа, додаваат дека ваквите проблеми мора да се решат институционално, наместо да страдаат граѓаните.
– Ако некому вистински му се должат пари, треба да си ги добие. Ако некој манипулирал со извештаи, треба да се докаже и тужи. Сето тоа мора да се реши во институциите. Останатото се политички игри во кои само ние граѓаните сме жртва – потенцираат од Зелен хуман град.
Истото го мисли и Ивон Величковски и нагласува дека тековните блокади се само обид за дефокус од истрагата започната од УЈП и од Финансиската полиција.
– Тоа е обид за продолжување на јавашлакот. Иако личи препуштена сама на себе, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, засега, по ова прашање, покажува решителност за спречување незаконско одлевање јавни пари – дециден е тој.
Тој потсетува дека јавниот превоз е лиценцирана дејност, каде што билетот е доказ за однос меѓу превозникот (давател на услугата) и патникот (корисник на услугата), за превозниците – билетот е приход (пред и по оданочување).
– За Градот, издадените билети се показател за искористеноста на линиите, значајно за организирање одржлив јавен превоз. За УЈП, билетот е основа за данок кој, според информациите од медиумите, е затаен најмалку четири-пет години. Бидејќи ЈСП наплаќа билети, а приватните не, вторите биле ставени во повластена позиција. Одговорноста може да се лоцира секаде: превозници, организирани преку здруженија, градоначалник и градски инспекторат, кои толерирале ненаплата на билети во минатото, ЈСП (раководство и внатрешна контрола) кои не ги задолжувале приватните превозници со билети, УЈП која досега не вршела контрола ниту на ЈСП ниту на приватните превозници – вели Величковски.
Субвенциите доаѓаат од буџетот, од скопјани и од цела држава и, според Величковски, треба да се исплаќаат според извршена услуга утврдена преку ГПС-уред и број на продадени билети, на кои се плаќа данок.
– Оттука, правилно е и раскинувањето на договорите, кои не се склучени со превозниците, туку со нивно здружение. Впрочем, приватните автобуси не се во сопственост на здружението, ниту тоа е компанија за превоз – нагласува Величковски.
Тој советува: превозниците да не бидат заложници на туѓи привилегии оти тие егзистираат од својата работа, а на нивни грб други лицитираат со политичко влијание, опозицијата да излезе од дневните шеми на „Ноќниот волк”.
Автобусите на приватните превозници и денеска беа паркирани на истите позиции, а останаа блокирани истите крстосници. Граѓаните повторно со мака се обидуваа да стигнат навреме на своите работни места, на училиште, во болница, а долгите колони возила и вчера повторно предизвикуваа нервоза кај возачите. Тие го извлекуваат подебелиот крај и веќе го губат трпението, бидејќи се најмалку виновни за хаотичната состојба во која се најде Градот. Оттука е очигледно дека со блокади нема да се постигне ништо иако според приватните превозници, тие ќе продолжат и во наредните денови, односно сè додека не им се исплати долгот или барем да почне да им се исплаќа.
– Ние сме подготвени веднаш да се вклучиме во јавниот превоз доколку ЈСП почне со исплата на неделните паушали, а потоа ќе седнеме да разговараме околу натамошната динамика на исплатата на долгот – изјави претставникот на приватните превозници, Кемал Муриќ.
На прашањето како ќе се вклучат во јавниот градски превоз кога Град Скопје, односно градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, им го раскина договорот, тој истакна дека се работи за еднострано раскинување, кое е предмет на тужба.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов смета дека блокадата на автобуските превозници во Скопје им нанесува огромна штета на граѓаните.
– Секој вози најмалку по половина час повеќе во денот, троши гориво, се губат работни часови, се губат бизниси, што е огромна штета за граѓаните – изјави Пенов и додаде дека не може да каже кои мерки ќе се преземат, но нагласи оти состојбата се следи.
Во телевизиско гостување, Пенов рече дека еден од методите за решавање на состојбата е и насилното отстранување на автобусите, на што директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, одговори: „Ако некој мотивира насилство во демократска држава каде што протестите се уставно загарантирано право, тогаш тоа треба да загрижи многу фактори во и надвор од државата“.
За вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, Бас рапид транзит (БРТ) системот не може да биде поштетен за Скопје од автобуси што сообраќаат, а се 30 години стари. Тој нагласи оти останува на ставот дека БРТ е решение што треба да се примени, бидејќи со него граѓаните би добиле поквалитетен, побрз и почист превоз во градот, кој со тоа ќе наликува на модерен град.
(А.П.)