Кој лаже, а кој ја зборува вистината за уставните измени?

52

Нова небулоза со која опозицијата ја замајува јавноста – вака премиерот Димитар Ковачевски, реагираше на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, дека со уставните измени, власта работи на создавање бинационална држава.

Кога сите факти ќе ве побијат, рече Ковачевски, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро.

„Истата таа опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи. Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде“, рече Ковачевски.

И по изјавата на Ковачевски, опозицијата повторно праша зошто Димитар Ковачевски не демантира дали уставните измени опфаќаат бинационална држава.

-Димитар Ковачевски, кој не излегол на избори, и не влече легитимитет од гласење од страна на народот, туку од волјата на ДУИ, е заложник на нивните интереси. Ковачевски треба да одговори на јавноста дали Груби кажал, а тој прифатил Македонија да стане држава на два народи, односно бинационална држава?

И дали за тоа требало да има посебна кампања во претстојниот период со која требало да се убеди јавноста, во таа идеја? Според нашите информации кои ги објавивме во Комисијата за подготовка на уставни амандмани, се разговарало Македонија да биде бинационална држава, односно држава на два народа, неколку етнички заедници и малцинства. Ваквиот план на власта е поразувачки, наместо Македонија да се бори против надворешните барања, се соочува со нови услови и од дома. Ковачевски да внимава што ветува, без разлика на наградите кои ги добива од ДУИ, без разлика колку и да мисли дека опстојувањето на власт му е најважно од сè, тој мора да остане достоинствен. Само месеци не делат од изборите, и треба да знае дека по истите ќе следува одговорност, истакна Митева.

Во изминатиот период,опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати обвини дека уставните измени, кои се најавуваат, ќе ја редефинираат земјава. Опозицијата вели дека власта работи на создавање бинационална држава на два народа, неколку етнички заедници, кои сега како дел од народи се во рамки на Преамбулата на македонскиот Устав и постоење на малцинства.

Власта пак, од своја страна, потенцира дека работната група за подготвување на уставните измени е задолжена од страна на Владата да подготви уставни измени согласно преговарачката рамка.

Опциите требаше да се разгледуваат минатата година, пред да се прифати францускиот предлог, и тоа свесно знаејќи дека нема мнозинство за прифатените обврски,  смета Малинка Ристевска Јорданова од македонскиот Институт за европска политика.

– Она што е јасно е дека ние практично ги немаме изменето, ниту дискутирано тие опции. Бидејќи и оваа прва опција, како што предупредивме многу пати до сега, уште во 2020 година со нашите пишани документи не водеше кон еден пат на реформи и пристапување кон ЕУ, кој што може да гарантира и стабилност и просперитет и реално пристапување. Значи, процесот беше изместен од старт, така што и сценарио А и сценарио Б во моментот се, за жал, негативни сценарија. Мора итно да има и трето кое што ќе се потпира на некои малку поконсолидирани темели и поширока поддршка од јавноста и од граѓаните, рече Ристевска во телевизиско гостување.

Таа појасни дека уставните измени не се во преговарачката рамка, туку во заклучоците на советот, а во политиката ништо не е неменливо.

-Постојано се кажува само ова да го направиме и отворен ни е патот, скоро па и членка ќе станеме, не само отворен, туку и до крајот на патот сме стигнале. Значи, следната лага во оваа приказна е дека кога ќе ги усвоиме уставните амандмани, дека ние ќе ги отвориме кластерите. Тоа не е точно, има тука меѓучекори, кога тоа ќе заврши тогаш дури почнува процесот, извештајот од скринингот треба да дојде, па треба да се постават одредници, тоа се патоказите, па дури кога ќе се задоволат со тие одредници дури тогаш може да се отворат поглавјата. Значи тоа се уште три, четири меѓучекори тука, појасни Ристевска- Јорданова.

Јорданова додава дека притисокот кој доаѓа од надвор за усвојување на уставните измени е со цел да тие да се направат пред членството, затоа што како членка на Унијата таквото барање и притисок би бил невозможен поради еден од основните принципи на ЕУ, почитувањето на уставниот поредок на државите.