Што навистина се случувало во Арачиново каде што според сѐ уште непотврдени информации, вчера биле нападнати полицајци од вооружени лица, ќе покаже извештајот на крим-полицијата и внатрешната контрола. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека екипите веќе работат на расветлување на случајот. Тој смета дека информациите за инцидентите се пренагласени и најави истрага за да се дознае што навистина се случило. Сепак, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа негова оставка.

Оливер Спасовски, СДС и ДУИ се сериозна опасност за функционирањето на МВР и за безбедноста на граѓаните пред растечкиот криминал, насилството и самоволието, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ по низата инциденти во кои полицијата беше спречена во извршувањето на својата должност.

Во врска со последниот инцидент што се случил, вчера, во близина на Арачиново, каде што според непотврдени информации биле нападнати полицајци од вооружени лица, министерот за внатрешни посочи дека немало никаква пријава.

– Досега нема пријава ниту од полициски службеници дека некој им се заканувал или избркал, ниту пријава од граѓани. Има дојава за недолично однесување на полицајците што биле на пунктот. Пренагласено е дека било со оружје. Се работи на тоа, па ќе знаеме што навистина се случило. Да видиме дали е така или не. Крим-полицијата и внатрешната контрола работат – истакна денеска Спасовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, повикувајќи се на информациите што се појавија претходно, сметаат дека првиот човек на МВР се обидува само да го прикрие инцидентот.

– Криминалци бркаат полицајци. Упаѓаат вооружени во полицијата во Арачиново и полицајците бегаат. Биле избркани од полициското одделение. Нема друг таков случај во светот. И Спасовски и МВР повторно се обидуваат да забошотат и да премолчат случај. Ова е тежок скандал, за кој нема оправдување, ниту криењето помага. Вооружени лица блиски до власта, влегле со закани во полициското одделение во Арачиново, а четворица полицајци добиле наредба од претпоставен да се повлечат од полицискиот пункт, и од Арачиново да се повлечат во Гази Баба, само затоа што е направена контрола, сопреле возило, без валидни документи – посочи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Столковски.

Тој додаде дека криминалот и бандитизмот земаат сè поголем замав токму поради самоволието и инволвираноста на Спасовски, СДС и на ДУИ во нивното покривање на штета на полицијата, но и на општата безбедност и јавниот ред и мир.

– Бандитизмот и дрскоста, поради неказнивоста, одат дотаму што човекот што, според медиумот, ја предводел вооружената група во полициското одделение во Арачиново, директно упатува закани до редакцијата што ја објави веста. Почитувани, ако некој се чувствува моќен за неказнето вооружен да влетува во полициски објект и да брка и да се заканува врз полициски службеници, кои се повлекуваат, кој може да ја гарантира безбедноста на медиумите или на граѓаните по ова каде било? – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија ги повикува професионалците во МВР да преземат мерки во насока на заштита на јавниот ред и мир, во насока на заштита на медиумите, но и за ставање крај на политичките злоупотреби на полицијата, вистински да застанат во функција на обезбедување на јавниот ред и мир и справување со енормно нараснатиот криминал и да го расчистат случајот.

– Оливер Спасовски мора да замине од МВР, затоа што по седум негови години, криминалот цвета, полицајците се цел на потсмев, а полицијата е логистика на белосветската мафија – истакнаа денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, според непотврдени информации, била протерана полициска патрола од вооружена група од скопско Арачиново откако се обидела да сопре возило кое било управувано од лице што не поседувало документи. Лицето, кое наводно е син на полицаец, упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот. Потоа вооружена група од Арачиново, предводена наводно од роднина на избеганото лице, тргнала кон контролниот пункт, а патролата била повлечена во ПС Гази Баба, за потоа полицајците да си заминат дома.

На овој случај му претходеше инцидент во кој, наводно, син на функционер во МВР во Сарај со возило, за кое се шпекулираше дека е службен автомобил на СОЗР, со флешери (ротациски светла на хаубата) успеа да избега од полициска патрола. Министерот Спасовски и за овој случај изјави дека се работело за сосема невистинити информации.

– Точно е дека во полицијата имаме јавување од граѓанин дека одредено возило се движи со поголема брзина. Тој материјал е евидентиран, тој разговор е снимен. Воопшто не станува збор дека тоа е службено возило на СОЗР, ниту на кој било државен орган –изјави Спасовски, додавајќи дека внатрешната контрола утврдила дека возилото не било управувано од синот на заменик-министерот.

Деновиве имаше и други случаји во кои полициски службеници беа нападнати додека извршувале службени дејствија, кои зачестија во последно време.

(И.С.)