За ДУИ е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии. Премиерот Зоран Заев ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одложат за 31 октомври за да се избегне нивно поклопување со пописот. Ова практично би значело одложување на датумот на изборите со оглед на тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека според Уставот изборите би требало да се одржат на 17 октомври. ВМРО-ДПМНЕ и опозициските партии на Албанците во Македонија се против предлогот на Заев изборите да се одржат на 31 октомври. – На 17 октомври да се одржи првиот круг на локалните избори, сè друго би било неуставно и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит и незаконито да им се продолжи мандатот на градоначалниците и советите на општините, вели пратеникот   Антонијо  Милошоски.

 

За ДУИ е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии, изјави вчера шефот на дипломатијата и член на ДУИ, Бујар Османи.

– Кога политичките партии имаат проблеми со датумите, повеќе тоа ми личи дека имаат проблеми со самодовербата за исходот на изборите. Ние во овој случај немаме таков проблем. Така што кој било датум што ќе го одлучат политичките партии по однос на одржување на изборите за нас е прифатлив. Дали 17, дали 31 октомври, за нас се прифатливи датуми, рече Османи. Запрашан дали ДУИ размислува да ја напушти Владата ако нема поддршка од СДСМ на локалните избори, Османи вели дека нема такво нешто.

-Прво ДУИ не може да ја напушти сопствената Влада, ова е Влада на ДУИ и не може да излезе од сопствената Влада. Нема такви ситуации, разговараме со коалициските партнери  во однос на постигнување за можноста за соработка на овие локални избори.

Премиерот Зоран Заев ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври за да се избегне нивно поклопување со пописот. Ова практично би значело одложување на изборите со оглед на тоа што претседателот на Собранието Талат Џафери претходно најави дека според Уставот изборите би требало да се одржат на 17 октомври.

„Имаме причина за одложување на изборите, а тоа секако е пописот кој ќе се спроведува во септември, и не сакаме кампањата да се поклопи со него, и секако причината е пандемијата за одлагањето. Така што ако не се промени тоа со закон изборите треба да бидат до 17 октомври, и ќе имаме поклопување на кампањата со Пописот. Предлогот доминантно од партиите е да биде 31 октомври, ако се согласат и тоа ќе биде вградено во Изборниот законик“, вели Заев.

ВМРО-ДПМНЕ и опозициските партии на Албанците во Македонија се против предлогот на премиерот Зоран Заев локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера го потврдија ставот дека  Заев изнел датум за одржување на изборите без претходна консултација со останатите политички партии, што, според партијата, уште еднаш го потврдува фактот дека Заев го одложи датумот за локални избори на своја рака, со надеж дека ќе го ублажи поразот.

„Зоран Заев се плаши од соочување со граѓаните бидејќи му е јасен судот на народот. Затоа на своја рака без консултација со останатите партии бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври. Ова е спротивно на досегашната пракса, но и кршење на Уставот на Република Македонија каде што јасно се утврдува дека мандатот на градоначалниците истекува пред датумот кој Заев го нуди како можен датум за локалните избори. Изговорот дека се поклопува пописот со кампањата не држи, бидејќи пописот може да се одложи за ноември и со тоа ќе се испочитува Уставот“, велат од опозицијата.

ВМРО-ДПМНЕ очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори, изјави вчера пратеникот на оваа опозициска партија Антонијо Милошоски. Сè друго, рече тој, значи прекршување на Уставот и законите, додавајќи дека „внатрепартиските и меѓукоалициските пресметки во ДУИ, СДСМ, БЕСА и помалите партии не треба да бидат проблем за државата и за граѓаните“ и да бидат изговор изборите да не се одржат на 17 октомври.

– Сè друго би било неуставно и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит и незаконито да им се продолжи мандатот на градоначалниците и советите на општините. истакна Милошоски.

На ист став се и партиите на Албанците во земјава кои се во опозиција. И тие се согласни дека според Уставот изборите треба да се одржат на 17 октомври и нагласуваат дека овој датум е нивен предлог. Не гледаат основана причина за одложување на датумот.Зад предлогот на премиерот и лидер на СДСМ Заев, застана и  коалицискиот партнер БЕСА.

Освен за датумот на одржување на изборите актуелна тема е и соработката меѓу партиите и коалицирањето. Во таа насока Заев  веќе имал средба со Мендух Тачи и со Билал Касами, а  до крајот на оваа недела треба да се види и со Али Ахмети. Генерално, сите, како што рече, се реалисти во однос на позиционирањето и потврдуваат меѓусебно помагање. Според Заев, коалициското поставување е логично и најверојатно 50 отсто таков ќе биде настапот во првиот круг од изборите, додека 25 или 30 проценти ќе биде коалициски настапот во вториот круг.

(В.М.Б.)