Сатирата „Триаголник на тагата“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд, филм номиниран во три категории за годинашниве награди „Оскар“; „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска, кој беше македонски кандидат за „Оскар“ минатата година, како и домашните остварувања „Кајмак“, „Мими“, „Снежана на крајот умира“ и „Rebirth: voice of silence” се дел од февруарската филмска програма на Кинотеката. Ќе ги видиме и „Наследство“ на Дин Крејг, францускиот „Меч со две острици“ со Жилиен Бинош…

 

Февруарската програма на Кинотеката и овој пат нуди филмски наслови што ќе го привлечат вниманието на публиката, а во нив ќе го најдете и одговорот на прашањето кој е тажен, а кој среќен човек; кој добил наследство, а кој е во љубовен триаголник?

Сатирата „Триаголник на тагата“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд, филм кој е номиниран во три категории за годинашниве награди „Оскар“, но и добитник на „Златната палма“ во Кан во мај минатата година и повеќето главни награди на Европската филмска академија во декември 2022: за најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд)… е едно од остварувањата што ќе може да ги проследите.

Како што велат од Кинотеката, ова е филм кој успеа да пробуричка низ закоравените односи во либералните општества и кој дејствува просто како мелем за антиглобалистите, анархистите и прекаријатот, но и го поставува прашањето: Што ќе се случи ако пролетаријатот навистина еден ден дојде на власт во светот.

„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар- Митевска, кој беше македонски кандидат за „Оскар“ минатата година, исто така, е на програмата. Наспроти „веселиот“ наслов, овој филм се обидува да ја измери тагата на војната.

Повторно на плеј-листата на кинотечната програма овој февруари се и домашните остварувања „Кајмак“ на Милчо Манчевски, „Мими“ на Даријан Пејовски, „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески и „Rebirth: voice of silence” на младиот филмаџија Илија Павлов, кои ја обележаа македонската кинематографија изминатиов период.

Љубителите на седмата уметност ќе може да ги видат и „Наследство“ (The Estate) на британскиот автор Дин Крејг, со ѕвездите Тони Колет, Ана Фарис, Дејвид Духовни, Кетлин Тарнер, Розмари де Вит во актерската екипа. Филмот зборува за две сестри што сакаат да го добијат наследството на богатата тетка – но пристапот е сосема различен од мејснтрим насловите, оценет како просветлувачки поглед на материјалниот свет на денешницата.

Адут на француската кинематографија е „Меч со две острици“ (Avec amour et acharnement / Both Sides of the Blade) на веќе легендарната авторка Клер Денис. Во овој љубовен триаголник во кој има и среќа и тага и кој не треба да се пропушти, глумат Жилиет Бинош, Венсан Лендон и Грегоар Колан.

Оние што уживаат во анимираната продукција, имаат можност да видат три исклучителни наслови – „Мачорот во чизми: последната желба“ (Puss in Boots: The Last Wish) во продукција на анимациското студио „Дримворкс“, филмот за Шрек во кој гласовите на главните јунаци ги креираат Антонио Бандерас, Харви Гијен и Салма Хајек и „Неверојатниот Морис“ (The Amazing Maurice), приказна за еден мачор мангуп што ги плаши луѓето со стаорци и заработува на тоа, во режија на Тоби Генкел и Флоријан Вестерман, со гласовна поддршка на Хју Лори, Емилија Кларк, Дејвид Тјулис и Гема Артертон.

Меѓу филмовите овој месец се и „Сѐ во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) на Дан Кван и Дениел Шнејнерт. Овој филм ја раскажува сторијата за мултиверзумот, „простор“ во кој постојат наши верзии што владеат вештини што ние, можеби, би сакале да ги владееме. Холивудската актерка Мишел Јео го враќа својот  некогашен актерски сјај во оваа луда авантура.

За најмладата публика е наменет „Макс и бесната дружина“ (Max und die wilde 7), германска продукција во режија на Винфрид Елснер. Сторијата за деветгодишниот Макс кој мора да го минува поголемиот дел од денот во старечки дом, бидејќи мајка му работи во него како медицинска сестра, сигурно ќе им биде допадлива и на постарите гледачи. Особено затоа што некој им ги краде скапоценостите на станарите, а малиот Макс има детективски аспирации.

Документарната продукција „Журнал за Желимир Жилник“ на авторот Јанко Баљак е повторно на кинотечната програма. Филмот за култниот српски режисер Жилник, кој е еден од родоначалниците на „црниот бран“ и докудрамата, лауреат на Берлинале во 1969 за својот „Рани дела“ (Rani radovi), раскажува како успеал овој автор да остане ангажиран и храбар, но, пред сè, креативно слободен, реализирајќи нискобуџетни проекти. (Д.Т.)