Кој добива, а кој губи од “бомбашката“ кампања?

Политичките противници не се штедат, секој има необјавен материјал за другиот, меѓусебно се обвинуваат за монтажи, но ретко ја оспоруваат автентичноста на објавените снимки. И по пет години од нивното објавување во јавност, „бомбите“ и денес го “дрмаат“ предизборието. Кој добива, а кој губи од “бомбашката“ кампања, кога во сенка паѓаат ветувањата за повисоки плати и пензии, владеење на правото, подобро утре за сите граѓани. Експертите едногласни, во периодот кој престои ќе се изнаслушаме уште многу, а во последните денови од предизборието  се очекува уште “повалкана“ кампања

102

На температури од 35 степени, во екот на летна сезона и во пикот на корона-заразата, жешката атмосфера на терен дополнително ја загреваат аудиоснимките кои речиси секојдневно се појавуваат на интернет-канали. Политичките противници не се штедат, секој има необјавен материјал за другиот, меѓусебно се обвинуваат за монтажи, но ретко ја оспоруваат автентичноста на објавените снимки. И по пет години од нивното објавување во јавност, бомбите и денес го “дрмаат“ предизборието.

Кој добива, а кој губи од “бомбашката“ кампања, кога во сенка паѓаат ветувањата за повисоки плати и пензии, владеење на правото, подобро утре за сите граѓани. Експертите едногласни, во периодот кој престои ќе се изнаслушаме уште многу, а во последните денови од предизборието  се очекува уште “повалкана“ кампања.

„Бомбите“, очигледно, ја дефокусираат кампањата. Секој очекува да слушне нешто ново, да слушне за реализација на нов проект, очекуваат свежина и позитивна енергија, а наместо тоа, луѓето се концентрираат на нелегално стекнати материјали, кој што кажал. Се надевавме на позитивна кампања и одмерена реторика, а сега слушаме сè и сешто, вели во изјава за весникот Вечер, аналитичарот Алберт Муслиу.

-„Бомбите“ ги дефокусираат граѓаните, се губи сјајот на изборната кампања. Покрај стравот од корона-кризата, луѓето од кампањата очекуваа да им се врати позитивната енергија и надежта за подобар живот, а сега се концентрираат само на „бомбите“, сите верувања паѓаат во сенка.

Последната недела, почнувајќи од следниот понеделник, сигурно ќе биде највалкана, ќе се изнаслушаме сешто, но партиите треба да се свесни дека никој нема ќар од тоа, додава Муслиу.

Под псевдоним “Зоки истина“ пред два дена на Јутјуб се појавија две аудиоснимки. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на социјалните мрежи ја потврди автентичноста на снимките и рече дека станува збор за разговор од 2016 година кога лошо се изразил и употребил несоодветни зборови.

„Лошо сум се изразил во разговорот од 2016 година кој е објавен на курирските портали. Но, наспроти тие неколку несоодветни зборови, во изминативе три години стојат на виделина сите добри односи, почит и достојна соработка со сите наши коалициски партнери. Низ конкретни дела секој ден градам човечки и пријателски односи со сите мои партнери и соработници, затоа нашата коалиција постојано расте, затоа нашето мнозинство победува“, вели Заев.

Во двете снимки со должина од по 36 секунди се слуша гласот на лидерот на СДСМ, додека гласот на неговиот соговорник е мутиран.

Во првиот разговор Зоран Заев и соговорникот зборуваат за владиката Наум, а во вториот генерално се разговара прво за рејтинзи, а потоа за „Шарената револуција“.

„Сè ќе соберам на купче и шуто и рогато“, вели Зоран Заев во еден дел на снимката. Подоцна, во објавената снимка Заев вели:

„Мамето ќе им го е..м после на сите што ќе влезат кај мене во коалиција“.

Во снимка која беше објавена претходно, наводно се слуша гласот на Зоран Милески-Кичеец, осуден во случајот „Рекет“ и наводно, црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака. Двајцата соговорници ги споменуваат имињата на генералниот секретар на владата Драги Рашковски, а се слуша и името на Заев.

Соговорникот, кој зборува на српски јазик, споменува дека му дал пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања кои му биле дадени на Давидовиќ за бизниси поврзани со хидроцентрали и со ветерници во Тетово и во Штип.

Минатата недела на Јутјуб се појави аудиоснимка во која се слуша гласот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Снимката беше продолжение на веќе објавени делови од разговор меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Милески-Кичеец, еден од осудените во предметот „Рекет“.

Во разговорот, освен гласовите на, наводно, Мицкоски и Кичеец, се слуша и женски глас. Мицкоски зборува за помош што ја добил од Орце Камчев за долговите што ги оставило претходното раководство во партијата.

„Ние Зоки се договараме извесен период да се видиме. Не успеавме да се видиме со него… со избориве почнавме. Па ја откажав, па он нешто погреби-могреби таму не знам имаше, па пак јас откажав и така сè некако и не можеме да се видиме, вака, објективно да ти кажам. А, лично сакам да го видам, зашто ми помогнал. Кога ти велам ми помогнал, тоа што беше долгот кај сестра му од претходнициве мои, знаеш ти беше присутен на тој разговор кога рече „Не треба ништо“. Сега мене, јас пред година и пол кога влегов во партијата немав струја, исклучена кабелска“, вели Мицкоски.

Женскиот глас дополнува, а подоцна наводно Кичеец се надоврзува:

„Апсолутно знам како е. Заедно сме биле. Јас сум бил таму. Тоа сме го направиле и ја и он муабет“, вели Кичеец.

Во претходно објавената снимка меѓу, наводно, Мицкоски и Кичеец се заклучува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ имал средба со Камчев во периодот кога бизнисменот, осомничен за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО, бил под посебни истражни мерки.

Најпрегледувана „бомба„ досега на интернет е видеото за поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, кое беше објавено под псевдонимот „Раце лепливи„. Дончев е единствениот функционер кој досега беше на разговор во полициска станица за „бомбите“ објавени во ова предизборие.