Затворање на бугарските клубови кај нас, како реципрочна мерка за затворањето на македонскиот клуб во Бугарија, бара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според премиерот Димитар Ковачевски, пак, поддршката за бугарските клубови не доаѓа само од дел од бугарските политичари туку и од лидерот на најголемата опозициска партија. Ова ново вкрстување на копјата меѓу двете најголеми партии најавува дека и понатаму се мали шансите за договор околу уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, кои се предуслов за понатамошниот пат на Македонија кон ЕУ.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, токму оваа партија била иницијатор на измените на Законот за здруженија и треба веднаш, без одолговлекување, да се дејствува.

– Ние не само што ги поддржавме туку и ги предложивме тие измени преку пратеничката Рашела Мизрахи, и добро е што беа прифатени и усвоени од Парламентот. И треба веднаш да се тргне во процес на апликација, односно затворање на тие клубови бидејќи за македонскиот клуб што беше отворен во Бугарија, веднаш реагираше бугарската држава и го затвори. Така што не треба да се чека, не треба да се одолговлекува и треба веднаш да се започне со затворање на овие клубови, кои се отворени на наша територија – истакна Мицкоски вчера во интервју.

Причината, според него, зошто власта треба да ги затвори сите бугарски клубови е како мерка на реципроцитет, бидејќи Бугарија го затвори македонскиот клуб во Благоевград.

– Затворањето на бугарските клубови во Македонија не е причина зошто некој бил соработник или не бил соработник со ваков или со таков. Туку е политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој македонски културен клуб, каде што културно ќе се организираат, ако Македонците во Бугарија не можат да ги уживаат своите права што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, јас не гледам уште една причина зошто овие 1.500 граѓани на Македонија, кои се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин јазик, да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека многупати во минатото ВМРО-ДПМНЕ се има изјаснето дека двата клуба треба да се затворат.

– И ниту еден нов не треба да се дозволи, па макар и го носел името на Пејо Јаворов или Димитар Благоев – нагласи Мицкоски.

Премиерот Ковачевски смета дека поддршката за бугарските клубови дошла не само од дел од бугарските политичари туку и од македонската опозиција.

– Бидејќи претседателот на македонската опозиција јасно кажа дека тој е континуитет на Ванчо Михајлов, кој е докажан соработник на Третиот Рајх и на лидерите на Рајхот. И сметам дека дури и отворањето сигурно имало некаква поддршка во рамките на македонската опозиција, па и сето она што се случуваше по тоа – изјави денеска Ковачевски.

Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, во интервју потврди дека неговата партија го наследува континуитетот на Иван Ванчо Михајлов.

– На дел од конгресите, претседател на ВМРО е Иван Михајлов. И да, тој бил во егзил во Загреб, каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ, која била фашистички, односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што, можеби, некој, по неколку децени, нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но, ова е континуитет на една организација што во современото време станува политичка партија – истакна Мицкоски.

Во однос на клубовите, македонскиот премиер рече дека и кога се отворале клубовите што носат имиња на личности што се поврзани со Третиот Рајх, го осудил тоа.

– Сметам дека отворањето клубови што носат такви имиња воопшто не придонесува за градење добрососедски односи помеѓу државите, а, пред сè, помеѓу граѓаните на двете држави и секогаш е подобро да се користат имиња што поврзувале и доколку се работи за културни центри, многу посоодветно е доколку се земат културни работници, писатели итн. од светот на културата – посочи Ковачевски.

Тој додаде дека за сите спорни историски прашања решение треба да донесе мешовитата комисија, врз основа на консензус на сите членови.

– Историските прашања се дел од работата на Историската комисија и тоа е многу јасно наведено во преговарачката рамка, која е направена врз основа на европскиот предлог за време на француското претседателство и одлуките во Историската комисија се носат со консензус на 14-мина историчари – седуммина од Северна Македонија, седуммина од Бугарија и како такви се доставуваат до двете влади, кои може да бидат имплементирани на реципрочна основа – изјави Ковачевски.

Премиерот додаде дека државата ќе испрати барање до бугарската Влада за отворање македонски културен центар во Благоевград, исто како што сме отвориле во Софија, во Тирана и во други држави.

(И.С.)