Кој вели дека Министерството работи – тромаво?: Културата можеби ќе ја биде, ама следната година…

257

Од Советот на СКРМ најавија генерален штрајк на 1 октомври доколку нивните барања за колективен договор, за нов закон за култура и ревизија на платите, не бидат исполнети во одреден рок. Тие велат дека уметниците и културните работници во изминативе две години станаа жртва на партиско-коалициски пазари што, пак, придонесе за оддолжување на процесот на реформи и продлабочување на децениските проблеми, наместо нивно решавање

Откако Синдикатот на културата на Република Македонија деновиве најави генерален штрајк кој би започнал на 1 октомври 2019 година, доколку нивните барања упатени до ресорното министерство не бидат исполнети во одреден рок,  оттаму веднаш беше одговорено дека роковите се прифатливи, а на исполнување на барањата се работи „активно и засилено“.

Имено, од Синдикатот неодамна упатија барање за ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, со што, сите неосновани коефициенти ќе се вратат во претходната состојба, барање за итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и барање за потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 со почеток на спроведување од 1 јануари 2020 и конечно решавање на проблемот со работните односи и платите во областа на културата кој егзистира веќе една и пол деценија.

„Мораме да нагласиме дека кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата како што е неоснованото покачување на коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит. Исто така, нервозата кај нашето членство силно ја стимулира и фактот што новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата не е усвоен и е во процес на „тромава“ подготовка речиси две години. Законот требаше да биде усвоен одамна и со него очекуваме да се решат многу проблеми во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување на нов општ колективен договор во културата. Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата“, велат од Советот на СКРМ.

Оттаму додаваат дека уметниците и културните работници во изминативе две години станаа жртва на партиско-коалициски пазари и тоа придонесе за оддолжување на процесот на реформи и продлабочување на децениските проблеми, наместо нивно решавање.

Од Министерството за култура, пак, велат дека активно и засилено работат на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон.

„Министерството за култура информира дека ги почитува барањата од културната јавност и од СКРМ и дека во заедничка спрега со институционалната култура, со граѓанските здруженија и поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување на правна рамка и колективен договор со кои ќе се решат покрај другите отворени прашања како финансирањето на јавниот интерес во културата, така и негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата“, се вели меѓу другото во соопштението од ресорното министерство. Со оглед дека за Министерството рокот за потпишување на колективен договор до 30 септември и негово спроведување од 1 јануари 2020 е прифатлив, на вработените во културата им останува да се надеваат дека од следната година работите ќе тргнат на подобро.