Кој без куќа, кој со пет стана, но сите со скапи коли!

1323

Автомобили, штедни книшки, куќи и станови, но и злато и уметнички слики пријавиле новите пратеници , покажуваат нивните анкетни листови, кои ги поднеле до македонското Собрание.

Првиот парламентарец Талат Џафери на негово лично име пријавил куќа во родното Форино и стан од 46 метри квадратни во Скопје, кој во 2013 година го купил за 2.131.402,00 денари. Заштеди и кредити во банка нема, од дополнителни приходи ја пријавил само платата на неговата сопруга. Од 2014 година вози „ауди А6“, а како имот на деца пријавил автомобил „БМВ“ вреден 12.500 евра.

Претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Костадин Костадинов, кој до скоро беше портпарол на СДСМ нема стан. На свое име до антикорупционерите пријавил „пежо“ вредно 800.000 денари и денарска платежна картичка со 60.000 денари. До 2022 има лизинг во вредност од 600.000 денари.

Претседателот Стево Пендаровски освен „југо“, на негово име нема ништо друго, освен со наследство стекната девизна штедна книшка со повеќе од 12.000 евра. Нема ни куќа ни стан, а на име на неговата сопруга пријавено рено Меган од 2005 година. Првата дама, исто така има и девизна сметка со 3.000 евра.

Гордана Сиљановска Давкова во својот анкетен лист на име на сопругот пријавила куќа во Скопје од 107 метри квадратни и возило „хонда шатал“.

Како заеднички имот на девизна сметка пријавила сметка со 11.523 евра, и уште една со 55.688 евра и 3.508 долари, и денарска со 320.826 денари.

Од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, професорот Тимчо Муцунски, секретарот за надворешна политика на ВМРО-ДПМНЕ, вози „ауди Q2“ кое си го купил во 2018 година, а истото вреди скоро 30.000 евра. Професорот ова возило го пријавил како заеднички имот.

Првиот интегративец Али Ахмети има куќа во Зајас и 700 квадрати земјоделско земјиште во Република Албанија. На име на неговата сопруга има автомобил „поло“ вредно 7.000 евра, а на негово име има трансакциска сметка со околу 12.000 евра.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, стои во неговиот анкетен лист, во 2017 година за 65.000 евра купил стан од 60 метри квадратни во Скопје, а во 2016 година подигнал кредит во банка во износ од 3.46 милиони денари. На име на неговата сопруга Апасиев, пријавил автомобил „алфа ромео“ кој според анкетниот лист во Антикорупциска вреди 155.000 денари.

Борислав Крмов, вториот пратеник од Левица во македонското Собрание покрај партискиот лидер Димитар Апасиев, во Анкетниот лист како сопственост единствено пријавил стан во Штип од 65 метри квадратни купен во 2015-та, а со вредност од два милиони денари.

За разлика од некои пратеници кои немаат пријавено ни куќа ни стан, новиот пратеник од СДСМ Лазе Таневски, кој доаѓа од бизнис-фелата, заедно со својот брачен другар поседуваат пет стана, од кои три во Охрид и два во Скопје, со вкупна вредност од 15,3 милиони денари. Бизнисменот има земјоделско земјиште од 14 милиони денари во охридско Арбиново од 2015 стекнато со наследство.

Моника Зајкова од ЛДП од личен имот пријавила автомобил „поло“ од 250.000 денари, а има и долгорочен кредит од 3,69 милиони денари, а за одбележување е тоа што пријавила златен накит на нејзините родители од 12,5 илјади евра.

Иванка Василевска, професорката која стана пратеник како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, има два кредита од лани од кои едниот од 1,2 милиони денари и другиот од 50.000 евра. Има два стана во Сопиште со вкупна вредност од 7,5 милиони денари, а кај брачниот другар пријавила три возила од кои мотор „јамаха“, „нисан X треил“ и „ситроен Ц3“ – сите во вредност од 2.050.000 денари.

Јован Јаулески, доскорешниот претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, од личен имот пријавил само депозит од 2.500 евра и автомобил „голф 5“ произведен во 2004-та, но го купил на старо во 2015-та и вреди 200.000 денари.

Артина Ќазими, која има 23 години, е најмладиот пратеник. Таа доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Како свој личен имот има куќа и двор во вредност од 19,1 милион денари во Добридол.

Во голем дел од податоците објавени на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупција функционери не дале податок како се стекнале со имотот што го пријавиле. Заменик-претседателот во Владата за борба против корупција и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски деновиве најави проверка на потеклото на имотот за членовите во владата.

-Ќе работиме на редефинирање на кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и на функционерите, така што тој ќе стане поприменлив и во согласност со најдобрите меѓународни искуства. Ќе важи принципот нулта толеранција за корупцијата за целата администрација. Секој што ќе направи злоупотреба ќе сноси одговорност. Мора да има ред. Ќе се разработи системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите за да се превенира навреме злоупотреба на парите на граѓаните. Мојата улога ќе биде координативна, треба да доведе до видливи резултати во борбата против корупцијата, рече тој, споменувајќи ги под таа „капа“ МВР, Управата за заштита од корупција, Царинската управа, инспекторатите и целата извршна моќ и институции што се платени да се борат против криминалот и корупцијата, најави Николовски.