Раководството на Македонската кошаркарска федерација во иднина ќе ја има на располагање големата сала од СРЦ „Кале“. Согласно договорот, салата останува во државна сопственост, но останува на трајно користење на Кошаркарската федерација.

  • Знаете дека во програмата ставивме акцент на младинските категории. Со тоа сакаме да ги обезбедиме сите неопходни услови за правилно развивање на младите кошаркари. Ова е голем ден за нас, бидејќи добиваме свој дом, а јас лично сум презадоволен што како Куќа на кошарката добиваме сала што ќе ни биде на располагање 24 часа на ден, 365 дена во годината. Голема благодарност до одговорните лица кои ни излегоа во пресрет, изјави претседателот на Федерацијата, Перо Антиќ.

Директорот Тодор Гечевски најави посериозна работа со младите кошаркари во новата сала.

  • Оваа сала ќе биде исполнета со активности, со кои ќе се развива кошарката во вистински правец. Во летниот период ќе имаме многубројни активности со младите репрезентации, а потоа во текот на годината ќе преминеме и на работа на индивидуален план со младите кошаркари, вели Гечевски.

Од друга страна, поранешниот претседател на МКФ, Даниел Димевски, кој моментно работи како Советник за Спорт при Владата на Македонија, истакна дека во иднина спортските објекти ќе бидат дадени на располагање на спортските колективи.

  • Во име на Владата ова е една од клучните работи – спортските објекти да ги дадеме на располагање на спортските колективи. Особено ми е драго што овој процес почнува со Кошаркарската федерација. Горди сме што најдовме начин да решиме едно прашање на начин на кој нема оштетени, така што сите се задоволни. Благодарност до претходниот концесионер спортската сала „Кале“ е во добра состојба, па веднаш може да се користи 24 часа на ден во следниот период“, истакна Димевски.

Инаку, доколку се биде според планот, и тимот кошаркарите на Работнички ќе добијат матична сала. Инаку,  салата во  “Градски парк’ беше затворена за натпревари на средината на минатата сезона, затоа што не беа отстранети посочените неправилности од страна на Комисијата за инспекција при Федерацијата.

Поради тоа, салата на „Кале“ би можела во иднина да биде дом и на трофејниот кошаркарски колектив.