Во последно време се почесто пристигнуваат интересни вести поврзани со кошарката, било да се од теренот или пак надвор од него.

Имено, една од најдобрите кошаркарки на сите времиња, Американката Маја Мур (31) неодамна објави дека се омажила за Џонатан Ајронс (39), човек кој мина 23 години зад решетки поради убиство што не го извршил.

Двократната олимписка шампионка, двократна светска шампионка, кошаркарка која четири пати ја освојуваше ВНБА-лигата, двапати Евролигата, беше трипати МВП во лигата и МВП на Ол-Стар… девојката што освои сè што можеше да се освои и што секој голем клуб со цело срце ја прифаќаше за нејзин потпис, реши да ја пропушти сезоната за да му помогне на човек кој е осуден на 50 години затвор.

Борбата за животот на Џонатан ѝ беше поважна од кошарката и нејзината кариера. Таа не постигнуваше поени и не бележеше успеси на теренот, но ја забележа најголемата победа во животот. Успеа да го ослободи човекот кој можеше да скапе во затвор!

Никогаш не се случило спортист при својот врв во кариерата да се откаже од неа со цел да се бори за правда, а токму Маја го стори тоа.

Маја го запознала Ајронс кога имала 18 години, а тој 27. Уште тогаш беше јасно дека Американката ќе има блескава кариера. Беше одлична на колеџ, а со тоа ѝ претстоеше голема иднина. Џонатан бил скептичен поради тоа, сметал дека Маја нема да остане во неговиот живот. Сепак, таа редовно одржувала контакт со него. Му испраќала писма и книги, доаѓала да го посети кога била слободна, едноставно функционирале како семејство.

Маја станала смислата на неговиот живот. Таа е неговиот ангел чувар, неговата надеж…

Ајронс е роден во сиромашно семејство. Имал само 16 години кога е извршено кривично дело за кое е осуден на 50 години затвор. Тој е обвинет за кражба и обид за убиство на сопственикот на куќа во Сент Луис. Иако немало сведоци, отпечатоци од прсти, ДНК, каков било доказ што би го поврзал со злосторството, тој беше прогласен за виновен. Обвинителот тврдел дека тој ја признал вината, а неговиот адвокат го негирал тоа. Полицискиот службеник кој го испрашувал Ајронс не го снимал распитот и рекол дека Џонатан го признал злосторството. Тој не можеше да сведочи на суд поради болест. Иако ништо не го поврза со местото на злосторството, за Ајронс беше фатално тоа што истиот  ден бил виден со пиштол во таа област. Му се судеше како возрасен, а судиите кои го обвинија беа составени исклучиво од белци.

Како млад, Џонатан бил член на хорот предводен од таткото на Маја. Членовите на нејзиното семејство биле вклучени во хуманитарна работа во затвор, па затоа во 2007 година Маја се сретнала со Ајронс. Го посетувала со години, со текот на времето станале пријатели, поради што се родила и љубовта по големо долгогодишно пријателство.

Борбата за негова слобода траела долго, но напорот на крајот се исплатеше.

  • Чувствувам дека конечно можам да го живеам животот. Слободен сум, благословен сум, само сакам да живеам достоен живот за Божја помош. Им благодарам на сите што ме поддржуваа, особено на Маја и нејзиното семејство, истакна Ајронс веднаш по ослободувањето.

Клучниот доказ за неговото ослободување биле отпечатоците од прсти пронајдени на внатрешната врата од ограбената куќа. Тие не припаѓале ниту на Ајронс, ниту на жртвата. Интересно, обвинителството не ги цитираше овие докази на првото судење на несреќниот Џонатан.

  • Одлично е чувството кога ќе го видите резултатот што дојде како резултат на вашата работа. Се чувствувам како да го подигнавме трофејот со освојувањето на шампионската титула, истакна Маја по пресудата.

Маја ја жртвуваше својата кариера со цел да се посвети на борбата за ослободување на Ајронс. Благодарение на овој гест, таа стана веројатно најголемиот борец за правда меѓу спортистите во историјата.

Нема сомнение дека оваа неверојатна љубовна приказна ќе послужи како сценарио за холивудско достигнување.