Кошаркарската сениорска машка репрезентација на Македонија доби незгодна група во квалификациите за Европското првенство во 2021 година. За противници во Групата – Б, „црвено – жолтите“ ќе ги имаат селекциите на Италија, Русија и Естонија.

Шансата за пласман на големиот континентален собир Македонија треба да ја бара во дуелот против Естонија. Со овој противник и ја отвараме квалификациската фаза на 20 или 21 февруари на домашен терен.

Покрај домаќинот Италија, која има обезбедено директен пласман, вториот уште две селекции од оваа група ќе го заверат билетот за ЕП во 2021 година.

Факт е дека ждрепка во Минхен не ни беше премногу наклонета бидејќи се најдовме во ситуација да играме за само две места со оглед што Италија како домаќин на едната група веќе имаат место на ЕП. Русите се европски шампиони од 2007 година, додека Естонците ни се голем должник од претквалификациите за СП 2019 кога нѐ победија убедливо во Скопје и нѐ испратија на самото дно од европската кошарка.

Идентично како и кај мажите, и кошаркарките добија исклучително тешка група за пласман на следното Европскот првенство. Тие се најдоа во групата И заедно со селекциите со Летонија, Хрватска и Германија. Со овие селекции веќе имаме искуство во пресметка со хрватските кошаркарки против кои игравме во претходниот квалификациски циклус за пласман на континенталниот собир кој се одигра неодамна во Летонија и во Србија. Сепак, ова ќе биде шанса за собирање искуство со оглед на тоа дека ќе биде премногу тешко да се оствари победа во квалификациите.