Кочански „Водовод“ од гранките ќе произведува органско ѓубре

50

Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани почна со кастрење на повеќегодишните дрвја во централното градско подрачје, a гранките и остатоците од дрвената маса машински се дробат и ситнат како суровина за производство на органско ѓубре.

– Поради зголемената потреба од заштита и зголемена безбедност на граѓаните во овој период од годината, вработените во одделението „Градско зеленило“ ги кастрат гранките на повеќегодишни дрвја на неколку локации во градот. На тој начин се спречува кршење и паѓање на старите гранки, се намалува опасноста за минувачите, но се продолжува и животниот век на дрвјата. За дробење на гранките користиме специјална дробилка – мулчер, што претпријатието ја доби како донација од амбасадата на Швајцарија, заедно со проектот за пречистителната станица на отпадни води, истакнуваат од КЈП „Водовод“.

Со ваквиот начин на работење се обезбедува поголема количина супстрат за производство на органско ѓубриво и се намалува количината на отпаден органски материјал, со што се придонесува за зачувување на животната средина.

Во моментот во пречистителната станица кај селото Мојанци дневно се произведуваат по околу 20 кубни метри компост, што се добива преку мешање на оризовата слама со филтрираните и наталожени цврсти материи во фекалните отпадни води.