Коцарев: Зарем не е време да се каже – вака повеќе не може!

Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може, вели академик Коцарев во говорот по повод денот на МАНУ и додава дека на Македонија ѝ е потребен нов фундаментален договор поддржан во континуитет од власта и опозицијата.

545

Ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција. Ако пак ја изгубиме македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во ЕУ. На Македонија ѝ е потребен нов фундаментален договор поддржан во континуитет од релевантните политички субјекти, независно дали се на власт или во опозиција. Ова се дел од пораките на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, по повод денешното одбележување на Денот на Македонската академија на науките и уметностите.

„Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор сè, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше сè понови и сè поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може“, рече академик Коцарев.

За излез од оваа состојба тој смета дека е потребно будење на колективниот ум и активирање на мудрите и умни луѓе, но и ограничување на ингеренциите на извршната власт во подрачјата, кои според Уставот се утврдени како автономни сфери на општеството, како што се образование, наука, култура, здравство и друго.

„Предлагам да се донесе закон со кој ќе се одземат ингеренции на МОН да изготвува стратегии за развој за образование и наука, или да подготвува реформи во образовниот и научниот систем. Второ, стратегиите реформите во синергија ќе ги подготвуваат МАНУ, универзитетите и стопанските комори. МОН ќе биде обврзан да ги имплементира така подготвените стратегии и реформи“, рече Коцарев.

Во годината кога академијата го слави 54 роденден се реализирани повеќе научноистражувачки и уметнички проекти, дел од нив во соработката со Унгарската, Полската, Руската, Кинеската и Украинската академија на науките, а во постапка е обновување и продолжување на соработката со Српската академија.

Тој додаде дека МАНУ е исклучително мала установа, но со врвна научна и уметничка активност.

(И.С.)