„Во Охрид ќе отвориме канцеларија на УНЕСКО со што ги потврдуваме нашите заложби за јакнење, управување и промоција во зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во рамки на официјалната посета на Париз. Таа оствари средба со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО за култура и со директорот на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Лазаре Елоунду Асомо.

На состанокот Костадиновска-Стојчевска посочи дека македонската Влада останува целосно посветена на успешната имплементација на Конвенцијата за светско наследство и во соработка со сите релевантни државни институции, општини, како и граѓанското општество, ги интензивира напорите за имплементација на препораките кои произлегуваат од Одлуките на Комитетот за светско наследство и Реактивните мониторинг мисии. Таа информираше и дека како заеднички документ со Република Албанија е доставен ажурираниот Извештај за состојбата со заштитата на Природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство, со Стратегискиот план за рехабилитација на Природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023 – 2030).

„Свесни за потребата од понатамошни континуирани напори, во согласност со препораките за справување со идентификуваните ранливости и закани“, додаде Костадиновска-Стојчевска и изрази надеж дека на 45. сесија на Комитетот за светско наследство, која ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, ќе се усвои Одлука со која Природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе остане на Листата на светско наследство.

Министерката за култура се заблагодари на Центарот за светско наследство за помош од Фондот за светско наследство во износ од 55.000 долари за проект на Завод и музеј-Охрид, кој е од особена важност за надградба на знаењата и капацитетите на стручните лица во оваа установа.

Во седиштето на УНЕСКО, во Париз, од 7 до 10 февруари се одржува 16. сесија на Меѓувладиниот комитет за заштита и унапредување на разноводноста на културните изразувања.