Цензурата е одлика на минати општества или минати власти и неа не и е местото во 21 век, во земја кандидат за полноправно членство во ЕУ. Намерата не е да се насочува или ограничува, напротив, мојата интенција секогаш била и ќе биде поддршка на слободната мисла и изразување, објави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на својот фејсбук профил.

Министерката напомена дека нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура.

-Како министерка, се додека сум јас на тоа место, нема да има цензура во ниту еден проект поддржан од Министерството за култура. Исто така, сакам да сум апсолутно јасна, додека сум јас министерка, нема да има простор да се ограничува или насочува кој било уметник на кој било начин, тоа е против сите мои лични и пред сѐ професионални уверувања, објави Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук.

Според министерката, цензурата е феномен кој се коси со демократијата и слободата на говор во која денес и тоа како уживаме.

-Жал ми е доколку изјавата која денес е цел на „слободни” толкувања, повредила чувства, порив, мотив и обиди за творење. И за крај, би сакала да повторам: Слободата на уметникот е огромна. Таа е неприкосновена. Таа слобода НИКОЈ не може да ја ограничи. И тука, никој не треба да има дилеми, напиша Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук.

Инаку објавата на министерката следи по реакциите околу нејзината изјава за Гласот на Америка, во врска со тоа дали протоколот со Бугарија ќе создаде автоцензура кај македонскиот автор, на што таа одговори дека треба да се твори, но во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката.

-Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња кадешто навистина не видовме ништо добро, изјави Костадиновска-Стојчевска за Гласот на Америка.