Косовското Собрание усвои резолуција за „геноцид на Србија на Косово“

129

Косовското Собрание синоќа усвои резолуција за „геноцидот на Србија за време на војната на Косово 1998-1999 година“.

Според претставникот на Парламентот во Приштина Билал Шарифи, резолуцијата е усвоена по повод одбележувањето на 20-годишнината од „злосторствата на Косово, кога биле протерани милион Албанци и убиени околу 12.000 цивили од сите националности, воглавно Албанци“.

Во резолуцијата, меѓу другото, се спомнати местата на кои српските сили извршиле злосторства, наведе Шарифи, пренесува Танјуг повикувајќи се на „Коха диторе“.

– Српските сили во 1999 година извршиле преку 100 масакри на Косово, додека на некои места запалиле живи луѓе, како во Брезник, Митровица, Подуево, Ѓаковица… За време на војната на Косово 1998-1999, извршено е сексуално насилство врз 20.000 луѓе, рече Шарифи.

За резолуцијата гласаа сите 79 присутни пратеници. На седницата не присуствуваа српските пратеници.

Претседателот на Косово Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај го поздравија усвојувањето на резолуцијата.

– Го поздравувам усвојувањето на резолуцијата во Собранието на Косово со која се осудува геноцидот на српската држава на Косово. Прво, резолуцијата ги нарекува со вистинско име: геноцид ! злосторства на Србија на Косово. Второ, резолуцијата бара правда за жртвите и сите граѓани на Косово. Воените злосторства не застаруваат, ниту се амнестираат. Сега кога правосудните институции се во рацете на Косоварите, мораме да пронајдеме вистински начин правосудството да дејствува против сите оние кои извршиле злосторства на Косово, напиша Тачи на Фејсбук.

Харадинај оцени дека усвојувањето на резолуцијата за геноцид е вистинско дело на избраниците на Косово.

– Нашите институции треба да се ангажираат за да обезбедат правда за сите злосторства извршени на Косово. Без воспоставување правда не може да има нити одржливо помирување, ниту мир. На криминалците местото им е во затвор, напиша Харадинај на Фејсбук.

Претседателот на косовското Собрание Кадри Весељи изјави дека најголемата рана на војната на Косово 1998-99 година е отсуството на правда за жртвите на геноцидот кој државата Србија го извршила на Косово. Претставувајќи ја предлог одлуката за формирање Државна комисија за создавање Трибунал за српскиот геноцид на Косово, претседателот на косовскиот Парламент рече дека за време на војната повеќе од милион Албанци насилно станале бегалци, 13.053 се убиени, меѓу нив и 1.230 деца, вклучувајќи и новороденчиња.

– Илјадници жени се силувани. Причината зошто демократскиот свет одлучи да интервенита е токму тој геноцид. На крајот од војната имало 6.057 исчезнати лица, рече Весељи.

Тој додаде дека се знаат имињата и презимињата на оние кои извршиле злосторства, местата и времето кога се извршени, кој дал наредба и оти за сето има многу докази.

Според него, Косово имало доверба во меѓународната правда, која била единствена што имала овластувања и одговорности за судењата за воените злосторства.

– Косово длабоко и веруваше на меѓународната правда сите овие години, верувавме дека злосторствата и геноцидот кои се извршени од страна на Србија на Косово ќе добијат неопходен одговор од страна на механизмите на таа правда. Меѓутоа, денеска се чувствуваме длабоко разочарани, кога констатираме дека тоа не се случи, рече Весељи.