Истражувачот на Геополитичкиот форум од универзитетот во Кембриџ и поранешниот дипломат на Балканот, Тимоти Лес верува дека Косово на крајот ќе биде поделено и тоа, како што вели, ќе биде само формализирана состојба на теренот – Белград не го контролира  југот, а Приштина – северот.

Тој истакнува дека косовското прашање во овој момент е заглавено, бидејќи, според него, Приштина ја отфрлила понудата на Белград за поделба и за признавање, но нагласува дека тоа нема да биде засекогаш, зашто обете страни сакаат да го решат проблемот кој го парализира нивниот национален развој.

„Косово очајнички сака со признавањето да стави крај на состојбата на меѓународно правниот вакуум, додека Белград сака да ги нормализира односите на Србија со Косово за да се придружи на ЕУ и да го заврши проблемот кој ја оптоварува српската политика уште од 1980-тите”, рече  Лес во интервјуто за „Танјуг“.

Поделбата, уверен е Лес, е единствена надеж за решение во преговорите Белград -Приштина, бидејќи тоа би бил компромис, но и доколку Приштина веднаш ја одбие поделбата и ако не дојде до усогласено решение, тоа, според него, не е се уште крај. „Приштина во своите очајнички желби да го легализира статусот на Косово, на крајот ќе се обиде тоа да го постигне со обединување со признатата држава Албанија, чијшто правен статус може да се „позајми“, без разлика дали се работи за признавање на пасошите или за членство во „Интерпол“, објаснува поранешниот дипломат.

Оваа ситуација би и одговарала на Тирана и би и дала нова национална мисија, додава Лес, бидејќи инаку, надежта за пристап на Албанија во ЕУ се гасне.Тоа би предизвикало паника во Србија, која ќе се почувствува принудена на го присоедини северот на Косово за да ги спаси Србите од тоа да живеат во албанска национална држава, смета Лес и додава дека е убеден дека работите практично така ќе завршат.

„Надворешните играчи ќе протестираат и ќе одбиваат да ги признаат новите факти на теренот, но нема да сторат ништо да ги сопрат Србите и Албанците и мирно ќе го прифатат ослободувањето од товарот и решавањето на долгогодишниот спор“, предвидува Лес.

Коментирајќи го текстот на Едвард Џозеф во кој тој предлага нови притисоци на Србија како стратегија за решавање на косовскиот проблем, Лес  вели дека Белград веќе се соочува со притисоците на Приштина, безусловно да го признае Косово по пат на воведување трговски тарифи и со лобирањето кај моќните спонзори, како што е Германија.

На прашањето – како понатаму во ситуација кога Приштина бара исклучиво признавање, а Белград одговара дека за тоа не доаѓа предвид и за тоа каков  одговор од заинтересираните промотори на косовската независност може да се очекува, Лес вели:

„Следната фаза ќе вклучи промена на власта во Приштина, за да се види дали некој друг ќе успее таму каде што Харадинај и останатите пропаднаа. На крајот, ако Приштина не може да го убеди Белград безусловно да го признае Косово, претпоставувам дека ќе се обидат еднострано да се реши проблемот на непризнавање на Косово, посебно да се бара обединување со Албанија“, смета поранешниот британски дипломат.

Тој додава дека Србите не би требало да се грижат за текстот на Едвард Џозеф и дека неговата најнова кампања е само преработка на неговата стара идеја дека Србија мора безусловно да го признае Косово и „Запад треба да продолжи да ги тепа Србите додека тоа не го сторат“, потенцира Лес.

„Никој, меѓутоа, не може да ја натера Србија да го признае Косово ако таа тоа не го сака“, истакнува Лес. А што се однесува до заканите, сите се, оценува тој, шупливи:

„Никој на Запад не е навистина заинтересиран за прашањето на Косово, за што зборува и тоа дека и Вашингтон и Брисел рекоа дека ќе прифатат што годе страните во спорот ќе се договорат. Значи, Србите би требало да бараат решение кое е во склад со националниот интерес на Србија“, порачува Лес.

Тој истовремено смета дека, како што вели, со незапирливата криза во ЕУ, процесот на проширување е практично завршен,така што и доколку Србија безусловно би го признала Косово, не би станала членка на ЕУ.