Изминативе неколку дена се крена голема прашина поради мечот меѓу Србија и Швајцарија на Светското првенство во Катар. Контроверзните настани од тој натпревар сега доведоа и до смртни закани.

Имено, косовската новинарка Зана Авдију истакна дека провокациите на Гранит Џака насочени кон Србите се „срамни и скандалозни“, а сега таа стравува за сопствениот живот, по многуте закани што ги добива.

Според нејзината адвокатка Аријанита Кочи, споменатата новинарка во последните неколку дена добивала многубројни пораки преку социјалните мрежи, а многу од нив повикуваат и на нејзино убиство. Зана Авдију сега со право се плаши за сопствената безбедност.

Еден од корисниците ѝ напишал дека има време да дојде до неа за да ја убие, алудирајќи на убиството што се случи пред само неколку дена во Универзитетскиот клинички центар во Приштина, кога трудница беше пронајдена мртва во дворот на оваа институција, за чие убиство постои сомнеж дека тоа го сторил сопругот.

  • Вашиот живот нема долго да трае, пишува во друг коментар, а во речиси сите има гнасни пцости упатени до новинарката.

Адвокатката Аријанита Кочи пишува дека ваквите закани се недозволиви, посочувајќи дека светот може да не се согласува со Зана, но дека не смее отворено да ѝ се заканува.

  • Можеби можеме да не се согласуваме со неа, но таквите закани се неприфатливи во цивилизирано општество. Од друга страна, јавните осудувања доведуваат до уште поголеми закани, пишува Кочи.