Косово се жали во ФИФА поради расистичките скандирања на српските навивачи

36
epa10326328 Players of Serbia react after losing the FIFA World Cup 2022 group G soccer match between Brazil and Serbia at Lusail Stadium in Lusail, Qatar, 24 November 2022. EPA-EFE/Neil Hall

Фудбалската федерација на Косово (ФФК) соопшти дека поднела жалба во светската фудбалска федерација, ФИФА, поради навредите и расистичките повици против Албанците од страна на селекторот Владимир Стојковиќ и на навивачите на Србија на натпреварот против Швајцарија на Светкото првенство во Катар, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во вечерашното соопштение на ФФК се наведува дека од ФИФА е побарана истрага за случувањата на натпреварот меѓу Србија и Швајцарија и побараа санкции кон Фудбалската федерација на Србија, додека скандирањата на Србите на стадионот во Катар ги оквалификува како „фашистички“.

  • Појавата на слогани со политички пораки и расистичките повици против Албанците се слушаа во текот на речиси целиот натпревар и за тоа известија и светските медиуми. Бесмислена е и апсурдна омразата со која со години се храни јавноста во соседната држава кон Албанците воопшто, наместо да се заложат за пружање рака на помирување и барање извинување, се вели во соопштението.

ФФК информира дека жалбата, „поткрепена со потребните докази“, е поднесена неколку дена по онаа за објавата на плакати во соблекувалната на српската репрезентација, на кои беше исцртана картата на Косово прекриена со боите на српското знаме и со пораката „нема предавање“.

Косовските медиуми наведуваат дека, освен скандирањата „Косово е Србија“ и „убиј, заколи, шиптар да не постои“, и селекторот на српската репрезентација се слушнал како им ја псуе „мајката шиптарска“ на противничките фудбалери, за што известија и медиумите во Србија. Стојковиќ ја упати псовката прославувајќи го голот со кој неговата репрезентација премина во водство со 2:1, меѓутоа Швајцарија, за која играат капитенот Гранит Џака и голгетерот Џердан Шаќири, кои се по потекло од Косово, подоцна постигнаа уште два гола и со конечен резултат 3:2 се пласира во осмина финалето и ја елиминира Србија од СП. Истото се случи и на СП во Русија пред четири години, кога токму со головите на Џака и Шаќири, кој и завчера реализира, Швајцарија го прекина учеството на Србија на шампионатот уште во групната фаза, како и сега во Катар. И во Русија Србија водеше, но Швајцарците направија пресврт и натпреварот заврши со 2:1.