Косово воведува такси за македонски производи

108

Поради забраната за увоз на риби за порибување од Косово, косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрит Шала порача дека одлучиле да воведат реципрочни мерки за македонските производи.
-Од јуни годинава кога Македонија ги наметна царинските бариери за косовските производи, јас бев во контакт со надлежните од оваа земја и испратив поплаки преку Секретаријатот на ЦЕФТА, но и лично писмо до нивниот министер за економија. Веќе поминаа два месеци и немаме одговор, затоа сум должен да го штитам интересот на Косово, косовскиот бизнис. Поради заштитата на нашите производи должни сме да преземаме други правни дејствија, согласно законите на Република Косово, односно да воведеме реципрочни мерки, порача косовскиот министер Ендрит Шала.
Според домашните власти, мерката била неопходна, и не се однесува само на Косово, туку на сите држави кои немаат гаранција за здравствена исправност на нивните икри.
-Она на што се однесува забраната е на порибувачкиот материјал, а тоа е икра или млади риби. Причината е што нашата држава се подготвува и многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар. Ова е нешто што е работено подолг период, и не се однесува само на Косово, туку на сите држави што немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен, изјави тогаш министерот за земјоделство, Трајан Димовски.
Што се однесува до забраната таа е само за порибувачкиот материјал, односно за икра и млади риби, додека пак свежата риба може да се увезува во земјава.
-Во 2017 година, од страна на АХВ беше испратен прашалник до официјалните ветеринарни власти на Република Косово за состојбата со болестите кај животните, меѓу кои и болестите кај рибите, но досега АХВ нема добиено одговор, односно официјално сè уште не сме запознаени со статусот со болестите, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Оттаму појаснуваат дека забраната следела по забелешката од страна на Европската комисија дека увезуваме од земји кои немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека порибувачкиот материјал е здравствено исправен.