Корона-кризата ја намали побарувачка за услуги, загрозени над 9.000 работни места

87

Последиците од корона-кризата занаетчискиот сектор ги чувствува уште од првиот ден. Занаетчиите бараат помош од државата, бидејќи загрозени се над 9.000 работни места. Без помош од државата, поради намалената побарувачка на услугите од пандемијата, се доведува во прашање опстојувањето на бизнисите и работните места на 5.800 занаетчии и 3.300 други вработени во оваа дејност, апелираше претседателот на Занаетчиската комора на Скопје, Никола Петров.

Предлагаат во мерката за субвенционирање на плати да бидат предвидени и занаетчиите, а ослободувањето од аконтација на данок на личен доход додека трае пандемијата да се однесува и за занаетчиите кои паушално плаќаат данок по решение од Управата за јавни приходи и занаетчиите кои плаќаат данок од реално остварен приход сè додека трае кризата со панедемијата во занаетчискиот сектор. Бараат да се најде можност и занаетчиите да аплицираат за кредити преку Развојната банка. Тие кои ќе бидат во самоизолација, пак, да се третираат како болни, а трошокот да биде на товар на Фондот за здравство.

Според Петров, занаетчиите не се опфатени во ниту една мерка донесена од Владата и досега не добиле одговор за предлозите што ги упатиле за помош.

-Мерките кои се предлагаат деновиве, а кои се на разгледување, опфаќаат субвенција на минимална плата за вработени, а придонесите остануваат на товар на работодавачот. Проблем се јавува кај занаетчиите кои вршат дејност самостојно, самовработени лица, затоа што немаат обврска да ислаќаат плата за себе туку да плаќаат придонес за задолжително пензиско и инвалидско  осигурување, придонес за задолжително здравствено осигурување и дополнителен придонес за задолжително осигурување. Доколку се донесе мерката за субвенција на плата, а обврската за исплата на придонеси додека трае пандемијата падне на товар на работодавачот околу 5.800 занаетчии нема да бидат опфатени со мерката. Тие нема да бидат субвенционирани ниту со плата, ниту со придонеси, укажа Петров.

Доколку со мерката за субвенционирање на плати не се опфатат занаетчиите за време на кризниот период, предупредува Петров, постои голема можност за затворање на бизнисите и отпуштање на вработените.

-Во мерката за ослободување од аконтација на данок на личен доход предлагаме додека трае пандемијата да бидат опфатени и занаетчии кои паушално плаќаат данок по решение од УЈП и занаетчии кои плаќаат данок од реално остварен приход сè додека трае кризата со пандемијата во занаетчискиот сектор. Да се најде можност и занаетчиите да аплицираат за кредити преку Развојната банка и да останат ликвидни затоа што моментно занаетчиите регистрирани согласно Законот за занаетчиство не се предвидено како организациска форма да аплицираат за кредити, рече Петров.