Корона-возење во автобусите на ЈСП на линија 65 Раштак

3651

Жители на селата Раштак и Булачани се жалат дека јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) без никакво предупредување го редуцирале бројот на автобуси на линијата 65 и со тоа се создаваат гужви во возилата. Велат дека во време на пандемија вака се „лечи од коронавирусот залепени еден до друг, дишејќи си во врат“. Прашуваат што заслужиле овие патници да бидат казнети на ваков начин, кога редовно си плаќаат за месечните билети и го повикуваат директорот на ЈСП да се качи со нив во автобус за да види „колку е пријатна атмосферата“.

– Бруки живи, во кој век живееме, зарем тука корона нема. Треба Шилегов и директорот на ЈСП да се возат со автобус, па да видат како е, а не со службени коли – се пожали Рената Каранфилоска.

Таа вели дека наместо да пуштат повеќе автобуси, ЈСП ги скрати.

– Тоа е секојдневие во 65 Раштак. Откако почна пандемијата, ние се возиме по 60-70 патници во ударните термини кога одиме на работа. Како не би кога ЈСП си тера саботен возен ред, па ние не одиме само во сабота на работа, за среќа секој ден работиме – додава Маја Јовчевски.

– Како не ви е срам да нè оставите на улица да чекаме автобус, а него никаде го нема. Дали имаме деца дома или болни што не чекаат, никој не се прашува. Си играте со нас – вели Сандра Ивковска од село Раштак.

Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека линијата 65 и сите останати од јавниот превоз сообраќаат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 кои ќе сообраќаат по редуциран делничен возен ред.

– Очигледно, корисниците на посочената линија се збуниле, имајќи предвид дека во изминативе две недели во неколку наврати на линија 65 и 65Б, во одредени термини беа пуштени дополнителен број возила заради последователно зголемен интерес за превоз во одредени термини, потреба која се јави, односно докажа од бројот на претходно регистрирани број на валидации – тврдат од ЈСП.

Оттаму додаваат дека во изминативе четири дена бројот на валидации во електронскиот систем на наплата, утврди вообичаена потреба од превоз, како и во изминативе три, четири месеци, и од тие причини линиите 65 и 65Б од четвртокот продолжија да сообраќаат согласно саботен возен ред, кој е актуелен во ситуацијава со ковид-19.

(С.Бл. – А.П.)

Фото: фејсбук