Корона вирусот ја парализира и Серија А

93

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, изјави дека сите натпревари од следното, 26. коло од италијанската Серија А, можат да бидат одложени поради корона вирусот во земјата.

  • Не мислам дека за само една недела ќе можеме да се справиме со инфекцијата толку многу за да можеме да продолжиме со спортските настани. Постојано ја следиме ситуацијата и ќе ја оценуваме. Ќе го следиме развојот на болеста и ќе ја процениме можноста за одложување на сите натпревари следната недела, изјави Конте за „Фудбал Италија“.

Доколку се донесе одлука за одложување, тоа ќе влијае не само во Серија А, туку и на преостанатите дивизии, вклучително и аматерски лиги.

Според последните информации, кои пристигнуваат од Италија, регистриран е и седмиот смртен случај на лице кое било заразено со корона вирус. Поради таквата ситуација натпреварот од 1/16 финалето на Лига Европа, помеѓу екипите на  Интер и Лудогорец, кој треба да се одигра на 27 февруари, ќе се игра пред празните трибини.

Изминатиот викенд беше на програма 25. коло од италијанската Серија А, но дури четири натпревари беа одложени поради опасност од корона вирус. Сè уште не е дефиниран датумот кога ќе бидат одиграни одложените натпревари.