Корона вирусот однесе во изолација 12 лица, меѓу нив и две мали деца 

Нема нови случаи на заразени со ковид-19, заразената жена оздравува  ... Како што информира министерот за здравство Венко Филипче заболената жена добро се чувствува добро и веќе влегува во фаза на оздравување. Во домашна изолација се 12 лица, а меѓу нив и две деца

130

Нема нови случаи на лица позитивни на корона вирус во земјава. Во моментов се чекаат резултати од тестирање на едно лице, кое на 22 февруари се вратило од Италија во Струмица. Тој поради покачена температура се јавил во соодветна здравствена установа каде што му се направени тестови за присуство на корона вирус. Како што информира министерот за здравство Венко Филипче засега единствен случај на лице заразено со корона вирусот останува 50-годишната жена која е хоспитализираната на Инфективната клиника во Скопје. Министерот потенцираше дека заболената се чувствува добро, и според лекарите веќе влегува во фаза на оздравување.

Таа со комбе допатува од Милано и е единствениот регистриран случај  во земјава заразен со вирусот ковид-19. Лицата кои патувале со неа и оние со кои тие дошле во контакт, вкупно 12,  од кои две деца до 4-годишна возраст, сè уште во домашна изолација и засега немаат знаци за ковид-19.

-Останува во сила препораката компаниите и институциите да не им дозволуваат на оние вработени кои периодов биле во Италија, да доаѓаат на работа зашто тие прво мора да минат 14 дена во домашна изолација,период колку што трае инкубацијата на вирусот – посочи Филипче и повтори дека  останува препораката да не се патува во земјите каде што има заболени од овој вирус, ако нема голема потреба.

Во земјава досега се направени тестови за корона вирус кај 12 сомнителни лица,а само кај едно лице е потврдена заразата. Се тестираат и двајца бугарски државјани кои се  на работа во фирма во Битола, а кои патувале во Италија.

 Владата побара вонреден инспекциски надзор во аптеките

Владата е задоволна од превземените мерки  на Министерството за здравство, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, Кризниот штаб, препораките на  Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје  во заштитата на населението од корона вирусот.

Владата побара пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направат увид и контрола на резервите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Исто така Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб. Донесена е одлуката да се воспостави соработка со „Црвен крст“ на Македонија и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.

Клуге:Нема простор за паника

Корона вирусот првпат се појави во Вухан, Кина, на 12 декември 2019 година. По брзото ширење на болеста, големиот број жртви и заразени, Светската здравствена организација (СЗО) на 30 јануари прогласи „меѓународна вонредна состојба“.

Корона вирусот се пренесува преку респираторните патишта со кивање и кашлање, но и преку допир со нечисти раце. Лекувањето е симптоматски, во зависност од манифестациите на болеста, а се користи и антибиотска терапија.

Како што велат инфектолозите клиничката слика варира од лесна настинка до потешка форма, во зависност од зафаќањето на белите дробови. Ризик за најлош исход има кај постари, хронично болни луѓе или лица со претходни заболувања на белите дробови.

Регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, кој е во посета на земјава посочува дека  бројките од актуелната епидемија покажуваат дека околу 80 проценти од 80.000 заболени во светот се целосно излекувани, а само кај 15 отсто има некои компликации. Според него сериозни компликации се случиле само кај пет проценти од заболените, а смртноста е близу два процента.

-Смртноста од сезонски грип е помала, но според проценките, секоја година 60.000 до 70.000 луѓе умираат од сезонски грип, иако имаме развиено вакцина со висока ефектност – вели Клуге и потенцира „мојата порака е – нема простор за паника”.

(В.Ма.)