Короната параван на разведените родители за дистанцирање на децата 

98
Boy holding his hands like scale choosing between his parents

Најголем број на деца, дури 112, се опфатени со дојавите кои се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа, по основ видување на детето со другиот родител кој не е старател. – Ваквата состојба голем број од родителите ја злоупотребија и го искористија моментот за да го отуѓат детето од другиот родител, потенцираат од „Меѓаши“

 

Нарушени семејни односи и насилство се најчестите поплаки во дојавите на СОС телефонот за деца и младинци при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во 2020 година. Оттаму велат дека лани бројот на дојави бил повеќе од двојно поголем во споредба од 2019 година, затоа што пандемијата дополнително ги зголемила проблемите со право на видување на децата заради вонредната состојба и забраните за движење, кои беа преземени за заштита од ширење на вирусот.

Најголем број на деца, дури 112, се опфатени со дојавите кои се однесуваат на проблемот со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа, по основ видување на детето со другиот родител кој не е старател.

– Ваквата состојба голем број од родителите ја злоупотребија и го искористија моментот за да го отуѓат детето од другиот родител – потенцираат од „Меѓаши“.

Според „Меѓаши“, станува збор за алармантна бројка која укажува дека треба да се спроведат дополнителни мерки и едукации на родителите при нивната разделба.

– Треба да им се обрне поголемо внимание и освестување за штетата што ја прават со нивната конфликтна меѓусебна комуникација, притоа не водејќи сметка за потребата на детето, природната потреба што ја има во себе да ги сака двајцата родители подеднакво. Сè што ќе му се испречи на патот кон реализирање на таа потреба му прави огромна штета на детето – е наведено во Извештајот.

Лани дури 105 деца биле жртви на насилство во најразличен облик, како меѓуврсничко насилство (булинг), две деца биле економски експлоатирани, а 29 деца биле жртви на ментално/емоционално насилство, додека 25 деца на занемарување (негрижа). Жртви на сексуална злоупотреба преку интернет биле четири деца, 22 деца на физичко насилство, 13 деца на сексуално насилство, еден случај на дете од ран брак…

Многу од дојавите се однесуваат и на тоа што на децата им бил ограничен или немале пристап до образование и здравствена заштита, некои не можеле да ја добијат потребната медицинска помош и слично. Други пак, кажале дека имаат проблем во училиште, дека биле дискриминирани, а имало и три дојави за исчезнати деца.

Поради тоа, кај голем процент од децата се јавува гнев, некои покажуваат зависничко однесување и загриженост, самоповредување или убиствени мисли.

– Во овој 12-месечен период, биле преземени интервенции на обезбедување директна помош или поддршка на контакти во кои биле засегнати 93 деца. Во зависност од проблемот за кој се јавиле, најчесто, контактите биле упатувани до стручните служби во училиштето, во агенција (институција) за заштита на децата во земјата, до различни здравствени работници, општа пракса, психолози/психијатри и до служби за итни случаи – велат од „Меѓаши“.

Оттаму посочуваат дека дојавите се однесувале и на проблеми кои се поврзани со нефункционалноста на работата на меѓуопштинските центри за социјална работа.

(А.П.)