Коронавирусот кој завладеа со целата планета, влезе во нашите животи најавувајќи една тешка, страшна и неизвесна година. Рестрикции, дистанца, страв, неизвесност, отуѓување и ограничен социјален живот донесе пандемијата. Наши блиски, познаници, пријатели… до последен здив се бореа со непознатиот непријател, дел од нив за жал ја изгубија битката. И десет месеци после првиот регистриран случај во земјава, стравот постои, а граѓаните со оптимизам ја чекаат новата година, надевајќи се дека во 2021 ќе биде прогласен крај на пандемијата, а некаде на лето животот ќе се врати во нормала.

И во сето лошо, нешто и добро. На 27 март 2020 година, Македонија под новото име стана 30. полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО. Три дена подоцна се крена знамето на Република Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел.

А за крај на годината повторно лоша вест: На Советот на ЕУ на 8 декември, Бугарија го потврди ветото за усвојувањето на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, со што го блокираше и почетокот на преговорите на земјава со Унијата, кој беше најавен за декември 2020 година. Со тоа, Брисел не успеа да ја спроведе сопствената одлука од месец март и повторно ѝ ги затвори портите на Македонија и ја остави во чекалната на ЕУ.

Коронавирус завладеа со нашите животи

Првиот случај на ковид-19 во Македонија беше регистриран на 26 февруари. Македонска државјанка која во земјава се врати заразена од Италија – земја епицентар на коронавирусот во Европа, беше првата позитивна на коронавирус. И можеби во наредните десетина дена се живееше безгрижно и нормално, со регистриран само еден случај, сè до одлуката за затворање на градинките и училиштата на 10 март, период во кој беа регистрирани уште десетина позитивни на ковид-19, неповрзани со првиот регистриран случај.

Се забранија сите масовни собири на отворено и на затворено со над 1.000 учесници, а беше донесена одлука сите спортски собири да бидат без публика. Истиот ден, по препорака на Комисијата за заразни болести се воведе и задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средноризични држави во период од 14 дена.

Веќе на 13 март, беше прогласена кризна состојба на територија на општините Дебар и Центар Жупа, каде беа регистрирани неколку позитивни случаи на коронавирус. Во првите денови најмногу заразени беа регистрирани во Дебар, но од 20 март и до ден-денес жариштето на пандемијата се префрли во главниот град Скопје.

Пет дена подоцна, на 18 март, претседателот на државата Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на цела држава. За прв пат во историјата на независна Македонија беше прогласена вонредна состојба, а при воведувањето на мерката имало 35 заболени од коронавирусот. Со неколку последователни одлуки на претседателот, во ситуација на распуштено Собрание, вонредната состојба се продолжуваше до крајот на јуни, непосредно пред одржувањето на парламентарните избори на 15 јули. Претходно, изборите кои требаше да одржат во април, беа одложени со владина Уредба, поради спречување на ширењето на заразата.

Првата жртва на вирусот е 56-годишна жена од Куманово која почина на 22 март. Истиот ден бројот на дијагностицирани од почетокот на пандемијата за прв пат се искачи над сто.

Од 23 март на територијата на целата земја започна секојдневен полициски час во периодот од 21 часот навечер до 6 наутро. Беше забрането движењето на населението секаде во земјата во овие часови. Граѓаните реагираа дека мерката е нелогична со оглед на топлата пролет, кога во текот на денот парковите, игралиштата и другите јавни површини беа собиралишта на големи групи луѓе. До крајот на март беше донесена нова мерка која го ограничи контактот меѓу возрасните луѓе над 67 години, кои се сметаат за ризична група, и младите под 18 години, кои се сметаат за преносители на вирусот.

На 3 април беше воведена целосна забрана за движење на населението во Општина Куманово за време на викендот. При воведувањето на забраната во оваа општина имало вкупно 85 заразени од вирусот. Во текот на април и мај следуваа викенд карантини на територијата на цела држава, а граѓаните во карантин ги поминаа велигденските и првомајските празници. Редици пред маркетите и аптеките, страв од ново затворање, страв од економски колапс, низа отпуштања ги тераа граѓаните да пазарат резерви храна како да нема утре, внимавајќи каде го трошат секој заработен денар.

Бројките на новозаразени привидно се намалија од строгите рестрикции и полицискиот час, па започна и олабавување на мерките. Кон средината на мај, дури и се размислуваше за повторно отворање на градинките.

Но топлото време и празничните викенди кои следуваа не ги спречија граѓаните за нови групирања, па бројот на новозаразени почна да надминува 100. Ретко кој се откажа од летувањата, кои поради затворената Грција беа на македонските плажи и во соседна Албанија.

Следуваа концерти без почитување на протоколите, дневни журки на плажи, патувања, собири во кафулиња и ноќни клубови што постојано држеа трицифена бројка на нови заразени со ковид.

Со еден месец задоцнување, на 1 октомври почна учебната година. Во училиштата се само децата од прво, второ и трето одделение. На настава се само по 3-4 саати, со маски на лицата. Учениците од повисоките одделенија, наставата ја следат онлајн.

Од 30 октомври маските станаа задолжителни и на отворено, а беше забрането и групирање по 22 часот. Кратко потоа, се забрани групирање на повеќе од четири лица преку цел ден. 

Топлата есен, кафињата на отворено, средбите во природа држеа некаква константа по, горе-долу, стотина новозаразени на ден, но во втората половина на октомври, дождливото време и загадениот воздух ги натера граѓаните да се собираат по дома, а бројките на заразени рапидно почнаа да зголемуваат. Како и секаде во светот, и Македонија не го избегна вториот, есенски бран на коронавирус. Од 30 октомври маските станаа задолжителни и на отворено, а беше забрането и групирање по 22 часот. Кратко потоа, се забрани групирање на повеќе од четири лица преку цел ден. Преполните болници, исцрпениот медицински персонал, илјадниците новозаразени на дневна основа, и двоцифрената бројка на починати ја натера Комисијата за заразни болести на нови ограничувања. Рестораните и кафулињата кон средината на ноември го скратија работното време до 21 часот, а од неодамна за да се спречат предновогодишните забави и собиранки, кафеаните работат само до 18 часот. Овие рестрикции на сила ќе бидат до Водици, 20 јануари, а во меѓувреме забранети се сите предновогодишни прослави од фирми и компании.

Актуелните рестрикции го смирија ширењето, а последниов месец од недела во недела се евидентираат се помалку новозаразени, но и хоспитализирани од заразата. Надлежните секојдневно со апели, не се опуштајте и славете одговорно и без групирање.

На годината што сите едвај чекаме да си оди, најмногу сме и благодарни ако не ни земала некој близок. Новата ја чекаме со радост и оптимизам, што поскоро да ја донесе вакцината во Македонија, брзо да се збогуваме со непознатиот непријател, а во најбрзо време да го врати “старото нормално“.

Македонија стана 30 членка на НАТО Алијансата

На 27 март 2020 година, Македонија под новото име стана 30. полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО. Три дена подоцна се крена знамето на Република Северна Македонија пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Shape – Монс и Команда на сојузничките сили за трансформации во Норфолк, Вирџинија.

 -Северна Македонија сега е дел од семејството на НАТО, семејство со 30 нации и речиси една милијарда луѓе. Семејство базирано на сигурноста дека, без оглед на предизвиците со кои се соочуваме, сите сме посилни и побезбедни заедно, соопшти тогаш генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека членството на Северна Македонија „ќе поддржи поголема интеграција, демократски реформи, трговија, безбедност и стабилност во целиот регион“.

 -Ова е историски успех кој, по три децении независност, конечно ја потврдува нашата безбедност и ја гарантира нашата иднина. Честитки! Го заслуживме ова, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски.

Претседателот Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување во Северноатлантската алијанса на 20 март 2020 година, откако на 17 март 2020 година, во специфични услови за европскиот континент и светот, шпанскиот Сенат, за прв пат преку видео – конференциска врска, и сите гласови „за“ го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, со што заврши процесот на ратификација на овој протокол кај сите земји – членки на Алијансата. Истиот по само два дена беше депониран од страна на Шпанија во депото во Вашингтон, САД.

Собранието на Република Северна Македонија го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО на 11 февруари 2020 година. Без гласови против и воздржани, 114 пратеници гласаа “за” членството на нашата држава во Северноатлантската алијанса. Следниот ден претседателот Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Најголемата неправда земјава ја доживеа во април 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт, кога покана за членство не беше упатена поради ветото од Грција. Членството беше овозможено по постигнувањето на Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина во 2018 година, согласно кој земјава го промени своето име во Република Северна Македонија.

Патот до полноправно членство во Алијансата за Македонија беше долг – речиси три децении. Собранието донесе Одлука за стапување во Северноатлантската договорна организација, односно НАТО во далечната 1993 година, а статусот кандидат за членство во НАТО Македонија го доби во 1999 година. Најголемата неправда земјава ја доживеа во април 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт, кога беше потврден напредокот на Македонија и исполнувањето на критериумите за членство, но покана за членство не беше упатена поради ветото од Грција. Во заклучоците од Самитот беше нотирано дека покана за членство на Република Македонија ќе ѝ се упати по изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот со името со Грција. Така и се случи. Членството беше овозможено по постигнувањето на Договорот од Преспа меѓу Скопје и Атина во 2018 година, согласно кој земјава го промени своето име во Република Северна Македонија.

Вето од Бугарија за старт на преговорите на Македонија со ЕУ

На Советот на ЕУ на 8 декември, Бугарија го потврди ветото за усвојувањето на преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, со што го блокираше и почетокот на преговорите на земјава со Унијата, кој беше најавен за декември 2020 година. Со тоа, Брисел не успеа да ја спроведе сопствената одлука од месец март и повторно ѝ ги затвори портите на Македонија и ја остави во чекалната на ЕУ, откако германското претседателство и земјите членки на Унијата, иако се противат, не успеаја да се справат со бугарската блокада за Македонија, која ја отстрани дискусијата за преговарачките рамки од дневниот ред на министерскиот состанок за европски прашања на кој требаше да се даде зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со земјава. Со тоа, официјална Софија го блокираше и проширувањето.

Ставот на Брисел е дека билатералните прашања, особено прашањата поврзани со самоопределувањето и историјата, не смеат да бидат пречка за ЕУ интеграцијата. Германскиот министер за Европа, претседавачот Михаил Рот, порача дека бугарската блокада е „сериозна политичка грешка“ на сметка на стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, но и на цела Европа.

Македонските власти сметаат дека блокадата на Бугарија за Македонија е голем удар за европската политика кон Балканот. Македонската Влада, коментирајќи ги заклучоците на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР) изрази разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на преговарачката рамка. Од Владата истакнаа дека Бугарија го потврди ветото, изневерeни се европските вредности и очекувањата на македонските граѓани, но порачуваат дека земјава ќе продолжи да гради добрососедски односи и да ги спроведува европските стандарди. Македонските власти стојат на ставот дека за македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара, а Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор. Порачуваат дека нема да дозволат неуспехот на ЕУ со неодобрување на преговарачката рамка да предизвика застој на внатрешните реформи. Во знак на добра волја, специјалниот претставник на Владата, Владо Бучковски, на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов однесе нон-пејпер како гаранции дека Македонија нема територијални претензии кон Бугарија и нема да се меша во прашањето за малцинствата.

Софија предупреди дека нема да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори за земјава, сè додека гаранциите што ги бара не станат дел од Преговарачката рамка. Бугарија инсистира на именување на македонскиот јазик како „официјален јазик на Република Северна Македонија“, како и на промена на учебниците во Македонија, во кои, се жалат бугарските власти, „Бугарите сè уште се претставени како фашисти“.

Бугарија уште на состанокот на амбасадорите на ЕУ на 6 ноември се спротивстави на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија. Софија во Брисел се изјасни дека не е во можност да ја прифати предложената рамка за преговори и придружната нацрт-декларација со образложение дека не ги даваат потребните гаранции за исполнување на поставените бугарски услови.

Шилегов со милениче, Богдановиќ се ожени, Наумоски по трет пат стана татко, а Георгиевски свекор