Коронавирусот во Македонија галопира. Никој не може да предвиди дали ова е пикот на вториот бран или тој допрва следува. Бројките на позитивни пациенти , на заболените и на жртвите на вирусот, секојдневно бележат пораст. Последните официјални податоци од здравствените власти за бројот на заболени се застрашувачки. Само во едно деноноќие во земјава се регистрирани (среда) 1.288 нови случаи на ковид-19, на направени 3.349 тестирања, а починаа дури 39 пациенти, од кои 16  се од Скопје. Од средата почна тестирањето со брзи антигенски тестови во Општите болници во Кочани и Кавадарци, Здравствените домови во Велес и Куманово, а од денеска, со брзи тестови почнуваат и Здравствените домови во Битола и Делчево, додека Центарот за јавно здравје Битола почнува од понеделник, 30 ноември. Тестирањето е бесплатно за граѓаните

 

 

Коронавирусот во Македонија галопира. Никој не може да предвиди дали ова е пикот на вториот бран или тој допрва следува. Бројките на позитивни пациенти, на заболените и на жртвите на вирусот секојдневно бележат пораст. Последните официјални податоци од здравствените власти за бројот на заболени се застрашувачки. Само во едно деноноќие во земјава се регистрирани (среда) 1.288 нови случаи на ковид-19 во на направени 3.349 тестирања, а починаа дури 39 пациенти, од кои 16  се од Скопје.

Скопје и натаму е рекордер по бројот на заболени со дури 570, Гостивар со 85, Прилеп со 78. Комисија за заразни болести денеска ќе расправа за барањето на градоначалникот на Прилеп во овој град да се прогласи карантин.

Досега во земјата се направени вкупно 320.011 тестирања на ковид -19.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 57.451, бројката на оздравени пациенти е 34970, на починати е 1.600, а бројот на активни случаи изнесува 20.881.

 Од средата  почна тестирањето со брзи антигенски тестови во Општите болници во Кочани и Кавадарци, Здравствените домови во Велес и Куманово, а од денеска, со брзи тестови почнуваат и Здравствените домови во Битола и Делчево, додека Центарот за јавно здравје Битола почнува од понеделник, 30 ноември. Тестирањето е бесплатно за граѓаните. Брз тест може да закаже единствено матичен лекар и доколку пациентот има симптоми на вирусот ковид-19, не повеќе од 5 дена.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче вчера  се сретна со директорите на ковид-центрите од комплексот клиники Мајка Тереза во Скопје за да се разгледа состојбата со пополнетоста на капацитетите на клиниките и динамиката на отворање на нови оддeленија за ковид- пациенти.

Во моментов Интерните клиники располагаат со околу 190 болнички кревети со довод на кислород. Иако пополнетоста на капацитетите е висока, постојано се прават исписи на пациенти и слободни места има.

За вчера беше планирано да се отвори и ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло каде што ќе можат да се сместат дополнително 50 болни. Остануваат на располагање и капацитетите во делот од хируршките клиники кои по потреба ќе бидат отворени во наредните неколку дена.

Вкупно во комплексот клиники Мајка Тереза има околу 350 кревети за ковид-пациенти распоредени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и на Интерните клиники – Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за очни болести, Клиниката за нефрологија, Клиниката за гастроентерохепатологија и Клиниката за неврологија, како и на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ.

Дополнителни 110 кревети има во ГОБ „8 Септември“ и 40 на Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле. Од денеска на располагање на здравствените власти ќе бидат ставени и  300 војници , кои ќе ѝ помагаат на околу 150 полицајци  во обезбедувањето на здравствените установи.

Од понеделник 12 лекари и 20 медицински сестри ќе ги засилат воените екипи кои помагаат во здравство, најави вчера министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Вчера претседателот ја донесе одлуката и денеска, ова утро, Министерството за внатрешни работи координира со Армијата и со Министерството за здравство, за тоа кои луѓе, каде ќе бидат распоредени. Јас очекувам врз база на побарувањата од Министерството за здравство во текот на утрешниот ден да започне распоредувањето, соопшти вчера Шекеринска. В.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, појасни дека се работи за обезбедување на здравствени институции, амбуланти, ковид амбуланти, или евентуално магацини во кои би се чувала стока која е поврзана со здравствената криза.

– Во текот на денешниот ден главниот штаб во кој ќе учествуваат претставници на Министерството за здравство, полицијата и Армијата точно ќе определи каде и кога ќе излезат претставници на Армијата во поддршка на полицијата. Тоа не значи дека целокупната бројка која е предвидена во одлуката на врховниот командант од утре ќе се најде на улица. Ќе излезат само онолку војници колку што е неопходно во оваа фаза, рече Ангелов.  (В.М.Б.)