Кордоба е единствениот град во светот, кој има дури 4 добра на листата на светското наследство на УНЕСКО, повеќе од Рим или Париз. Катедралата-џамија, историскиот центар на градот, фестивалот на дворовите и Медина Азахарас е она што светската организација го препознала и заштитила како светско културно наследство

Кордоба, град во Андалузија, лоциран до реката Гвадалкивир, во подножјето на планинскиот венец Сијера Морена, е единствениот во светот кој има дури четири добра и е на листата на светското наследство на УНЕСКО, повеќе од Рим или Париз.

Тој се наоѓа на одалеченост од околу 2,5 часа со воз до Мадрид, кој е далеку попосетен од туристите или 45 минути со воз од подеднакво популарната Севиља. Со 330.000 жители, Кордоба минатата година ја посетија околу еден милион туристи, што можеби не е ништо во споредба со речиси 9 милиони посетители на Барселона, но сепак, факт е дека тој има универзална вредност, која светската организација ја препозна.

Во овој град тоа се Катедралата-џамија, историскиот центар на градот, фестивалот на дворовите и Медина Азахара. Сите овие светски културни наследства се главно блиску до центарот на градот, па сите оние кои решиле да го посетат градот најдобро е да го обиколат пеш, но за тоа сигурно би биле потребни барем два дена…

Инаку местата што треба да се додадат на списокот на светско наследство ги определува Комитетот за светско наследство, во кое се вклучени претставници од различни земји. Таквото место мора да има универзална вредност и да задоволи барем еден од десетте критериуми на Одборот, како што е на пример да претставува ремек-дело на човечката креативна генијалност…

Инаку, во Кордоба се наоѓаат и 15 цркви и капела. Кога станува збор за музеите пак, посебно се интересни Музејот на инквизицијата, Археолошкиот музеј Сефардска и андалузиска куќа од 12 век, во која се изложени експонати. Најпознатиот плоштад во Кордоба е посветен на Светиот Рафаел заштитникот на градот. Овој плоштад се наоѓа во близина на римскиот мост…

Катедрала – џамија

„Ла Мезкуита” или уште позната и како Абд-ар-Рахманова џамија, некогаш била најголема џамија во Шпанија, која се градела речиси 200 години. Ова е првото место во Кордоба кое се најде на листата на светското наследство во 1984 година. Таа била изградена помеѓу 784 и 786 година како џамија, и била претворена во катедрала кога градот бил окупиран од христијаните во 13 век, поточно во 1236 година. Внатрешноста е она што ги привлекува туристите низ светот. Зградата има околу 250 илјади квадратни метри, има неколку капели и 850 столбови (иако некогаш ги имало дури 1.200), изградени од гранит, оникс и мермер. Црвено – белите лакови и столбови се нешто што не се гледа секој ден. Ова архитектонско ремек-дело е познато и како Музеј на 1000 столбови. Влезницата за посета на вој објект изнесува 10 евра.

Историски центар на градот

Кордоба има долга и бурна историја, а од римскиот период на Кордоба, пак, останале камениот мост со лаците („Пуенте Романо”) преку реката Гвадалкивир и тријумфалната капија. Кога ќе се помине мостот, можете да уживате во преубавиот поглед на стариот дел од градот кој доаѓа до израз особено кога ќе падне ноќ. На неколку метра од мостот може да се види и еден од старите арапски мелници од  9. век, кој единствено уште можат да се видат во Сирија. Инаку, историскиот центар на Кордоба е лавиринт на тесните улички со споменици кои датираат од времето на римските, арапските и христијанските владетели на градот. Центарот е ограничен со катедрала – џамијата и средновековната тврдина Алказер. Историскиот центар на градот беше прогласен за дел од Светското наследство во 1994 година.

Фестивал на отворени дворови

Традицијата на отворање на украсените дворови за туристите и соседите, локалните жители на Кордоба ја започнаа во 1918 година. Секоја пролет, всушност, во текот на првите две недели во мај, 50 локалци ги покажуваат своите домови и се натпреваруваат кој има поубав двор, а на посетителите им нудат гостопримство. Токму овој обичај е вклучен на листата на нематеријално светското наследство на УНЕСКО во 2012 година. Разгледувањето на дворовите не се наплаќа, а овој обичај стана атракција за сите посетители кои во овој дел од годината ја посетуваат Кордоба. Потеклото на овој натпревар датира од пред речиси еден век, од 1918 година, откако е и познат првиот организиран собир. Но, фестивалот не беше востановен се  до 1933 година. По Граѓанската војна продолжија да го организираат и конечно беше формиран во 40-тите години.

Медина Азахара

Последното место во Кордоба прогласено за дел од светското наследство е Медина Азахара, изградена на работ од градот меѓу 936 и 976 од тогашните муслимански владетели. Иако поголем дел од Медина бил уништен за време на цивилните војни во 11 век, урнатините продолжуваат да потсетуваат на величествениот архитектонски стил и вештината на луѓето што ја граделе. Археолошкото наоѓалиште Медина Азахара, во превод од арапски „Светол град“, во шпанската покраина Кордоба бил стар арапски град со палата која ја изградил кордобскиот емир Абдурахман Трети (912-961). Легендата вели дека била подигната како почит кон неговата сакана жена: Азахара.

Историјата на Кордоба

Кордоба до денес ја зачувала карактеристичната урбана архитектура со бројни згради зачувани од времето на арапските власти . Големата Абд-ар-Рахман џамија, изградена уште од 785 година, е еден од највеличествените споменици на исламската уметност. Градот го основале Картагинците. Римјаните го освоиле во 152 година пред. н. е., а Визиготите во 6 век. Во 711 го освоиле Арапите. Тој е седиште на Кордовите Емирати од 756 до 929 и Кордопски калифат 929—1031 година. После пропаѓањето на калифатот (1031 г.) основана е независна република (таифа) Кордоба која во 1069 година ја освоил Абад Трети, владетел на Севиља. Од 1091 година припаѓал на Алморавидите кои во 12 век го замениле Алмохадите. По доаѓањето на власт на Кастилја во 1236 година, градот назадувал во споредба со Толедо и Мадрид. Во 1600 година бил погоден од чума, па бројот на жители во раниот 18 век бил намален на само околу 20.000. Од 1808 до 1813 градот бил под француска власт, а за време на Шпанската граѓанска војна од 1936 била поддржувана од генералот Франко. Денес тоа е одличен центар на провинцијата и одлична туристичка дестинација. Кордоба е роден град на филозофот Сенека, како и на Ибн Рушд и Мојсије Мајмонид во 12 век.