„Мистична деветка“ е наслов на концертот кој Филхармонијата ќе го одржи во четврток (5 декември). На програмата се дела од двајца руски гиганти – Сергеј Прокофјев и Дмитри Шостакович. Публиката ќе има можност да ја чуе македонската виолинистка Фросина Богданоска. во изведба на Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Сергеј Прокофјев. На програмата е и Деветтата симфонија од Дмитри Шостакович.

Виолинистката Богданоска, дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оцена, во класата на проф. Љубиша Кировски.

Во 2010 добива стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската академија во Лондон, а во 2012 запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Антон Сороков.

До неодамна беше член на Симфонискиот оркестар на Австриското радио РСО ОРФ Виена и соработник со Виенскиот симфониски оркестар – Wiener Symphoniker, а сега е член на Каринтискиот оркестар на Театарот во Клагенфурт, каде што оваа сезона служи како водач на први виолини. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.

Концертот „Мистична деветка“ ќе го води харизматичниот холандски диргент Конрад ван Алфен. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам.