„Од 2000 година наваму, со реформирањето на издавачките куќи, имаше мал пад на поддршката на илустрацијата за деца, но тоа веќе е минато. Доказ за тоа се одличните илустратори Михајло Димитриевски Тхе Мичо, Иванка НиБа и многу други“, изјави професорката Марија Ветероска на конференцијата „Македонска современа сликовница“, која се одржа во Музејот на Град Скопје, во рамките на Петтиот меѓународен фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“.

Според Ветероска, македонската илустрација има богата историја, а тоа може да се види низ сите досегашни изданија на „Литера“.

Токму конференцијата отвори интересни прашања за илустрацијата некогаш и денес, можностите за нејзиниот развој во издаваштвото, но и во академскиот сектор.

„На ФЛУ при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, илустрацијата се изучува како еден од курсевите во рамките на модулот за графички дизајн. Од друга страна, пак, имаме одлични цртачи“, вели деканката на Факултетот за ликовни уметности, Славица Јанешлиева.

Таа додаде дека Александар Цветковски одиграл исклучителна улога во развојот на илустрацијата за деца и постојано регрутирал млад кадар во оваа дејност. Професорот Цветковски, еден од доајените на македонската илустрација, имал обичај да ги праќа сите студенти во „Детска радост“ за да ги „зарази“ со илустрацијата. Во тоа време било вообичаено уметниците да бидат вработени во институциите.

„Потребен ни е таков човек кој ќе биде директна врска со издавачките куќи. Верувам дека ‘Литера’ е на добар пат да ја преземе таа улога во развојот и промоцијата на македонската илустрација“, рече Јанешлиева.

Уметницата Софија Семенпеева, идеен творец на „Литера“, се надоврза дека целта на фестивалот е да покаже дека сликарството, вајарството, графиката можат да бидат илустрација, бидејќи сето тоа е уметност. Според неа, македонската сцена е прилично затворена и вмрежувањето и комуникацијата се неопходни за раст и развој.

Гавровска, авторка и сопственичка на издавачката куќа „Гаврош“, ја нагласи потребата од агенција за книга, за која се зборува долго време. Таа посочи дека конкурсот за книги за деца треба да се издвои како посебен и да се вложува поголем буџет во помалку изданија, но да му се даде предност на квалитетот.

Состојбите со илустрацијата во Хрватска ги претстави Манојловиќ-Врачар, една од гостите на „Литера 2023“. Таа посочи дека во Хрватска има голема продукција на сликовници, по 100-200 нови наслови годишно, но разликата во квалитетот е огромна и варира од одлични до исклучително лоши изданија.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која, исто така, беше еден од учесниците на панел-дискусијата, рече дека чекорот на „Литера“ е револуционерен во промоцијата на илустрацијата за деца, исклучително важен сегмент во развојот на секое дете.

„Буквата кај децата доаѓа пред проодувањето. Читањето сликовници е многу важно, тука се почетоците на сите приказни и допирот со книжевноста. Една од нашите определби е да ги поддржиме овие изданија, што, од друга страна, ќе ги отвори вратите на европските фондови. Тие поддржуваат проекти кога ќе увидат дека и државата вложува во одредена дејност. За сите овие прашања треба отворено да разговараме“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Конференцијата беше заокружена со ставот дека дебатата за состојбите мора да продолжи, зашто тоа е единствениот начин да се согледаат проблемите и да се најдат заеднички решенија. Семенпеева најави дека следен голем чекор на „Литера“ е саемот во Болоња, а Бојан Саздов, кој е претседател на Македонската асоцијација на издавачи, посочи дека ќе дадат поддршка за тој процес.