Конференција „Да си посакаме подобро ментално здравје во новата учебна година“

41

Во просториите на Europe House Skopje денеска здружението „Младите можат“ организираше конференција „Да си посакаме подобро ментално здравје во новата учебна година“, со цел да се истакне важноста на менталното здравје како клучен дел од општата добросостојба на децата и адолесцентите.

– Во однос на состојбата на терен поразувачки беше фактот што 60 проценти од младите се информираат на интернет, а само 9 отсто од нив се информираат во училиштето. Иако е многу позитивно тоа што младите сакаат да се информираат и едуцираат за да преземат контрола врз своето ментално здравје, прашање е колку реално нашите служби и институции ги контролираат тие информации и содржини до кои младите имаат пристап, со чест на исклучоци на одредени организации, истакнала Софија Стојановска од Здружение на граѓани Младите можат.

Од Здружението велат дека на конференцијата, како препораки биле истакнати зајакнувањето на капацитетите на психолошко-педагошката служба со цел реализирање на едукативни активности на национално ниво во однос на актуелните проблеми и предизвици со кои се соочуваат младите. Активна вклученост на Министерството за образование и наука во креирање и имплементација на систематизирани едукативни работилници, во зависност од потребите, спротивно на моменталните практики кои се основаат на изолирана самоиницијативност на службите во училиштата.

Било предложено засилување на напорите за имплементација на Националната стратегија за унапредување на менталното здравје 2018-2025.

„Тоа подразбира зголемени средства за имплементација на предвидените мерки чија имплементација во голем дел беше ограничена со пандемијата на Ковид-19. Дополнително, важно е Министерството за здравство како и Националната комисија за ментално здравје да работат на зголемување на запознаеноста кај различни типови на чинители во однос на активностите кои произлегуваат од стратегијата како и очекуваниот бенефит“, се вели во соопштението.

Како други препораки се наведуваат и редовни состаноци помеѓу учениците и училишните психолози, како и обезбедување еднаков пристап и целосна анонимност и унапредување на наставните програми во средните училишта.

-Како заклучок од целиот процес е дека кај средношколците постои ограничена информираност во однос на достапноста на професионална поддршка, како резултат на несистемско информирање. Дополнително, можноста средношколците финансиски да си дозволат советување е ограничена, без системски да се обезбеди поддршка за пристап. Сите препораки кои произлегоа од анализата ни се насочени кон Министерство за здравство, Министерство за образование и наука и Министерство за труд и социјална работа, како главни чинители потребни за ваков тип на систематизација. Анализата и добиените податоци се достапни на следниов линк, на македонски и албански јазик, велат од „Младите можат“.

Оваа конференција е дел од проектот All for YOU(th)! кој е финансиски поддржан од Европската Унија, а го спроведува Здружение на граѓани Младите можат.