Конференцијата за е-трговија „Ready, Set, Grow“ денеска во Скопје

    21

    Конференцијата за е-трговија, која оваа година, под мотото „Ready, Set, Grow“ се организира во хибриден формат ќе се одржи денеска во Скопје.

    Како што стои во соопштението, потврдени се речиси 500 учесници кои годинава ќе присуствуваат на конференцијата или ќе ја следат преку интернет, а свое излагање ќе имаат 28 еминентни говорници од земјата и странство.

    Конференцијата се состои од тринаесет презентации, еден неформален разговор и три панел сесии, преку кои врвни експерти од областа на е-трговијата ќе го пренесат своето искуство и знаење на различни теми поврзани со дигитализацијата, е-трговијата и дигиталниот маркетинг. Конференцијата ќе биде збогатена и со забавни делови каде што ќе се доделуваат вредни награди за учесниците.

    Дополнително, за време на поздравниот говор на претседателката на АЕТМ и поранешна министерка за финансии во Владата на Република Северна Македонија, Нина Ангеловска, ќе биде промовирана најновата анализа на е-трговијата за 2021, насловена „Преглед на е-трговијата во Република Северна Македонија и споредба со регионот и европските земји 2021”, која содржи податоци согласно последните објавени податоци од НБРСМ, Еуростат и релевантните индекси за е-трговија.