Советот на јавни обвинители денеска го констатира прекинувањето на мандатот
на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, откако во саботата беше
разрешена нивната шефица Катица Јанева.

Претседателот на советот, Ацо Колевски, по седницата изјави дека досегашните обвинители на СЈО, треба да се вратат во нивните матични обвинителства.

Тимот на Јанева кој е избран 2015 година, го сочинуваа обвинителите Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска, Артан Ајро, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Стевчо Донев, Трајче Пеливанов и Елизабета Јосифовска.

На почетокот на 2016 година, иако првично избрано, Јанева побара да бидат отстранети обвинителките Марија Ѓоргева и Лејла Кадриу.

Во саботата, по едногласната одлука на Собранието, Советот ја разреши специјалната јавна обвинителка која е вопритвор за случајот „Рекет“.
Предметите на СЈО ги презеде Јавното обвинителство на Република Северна
Македонија.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески најави дека постапувањето по предметите на СЈО ќе продолжи, но дека се уште не е утврдено кој ќе ги застаспува. Јовески може да им ги додели предметите и на обвинителите од СЈО кои до сега ги водеа.

Сега, Лиле Стефанова треба да се врати во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција каде шефица е Вилма Русковска, Ленче Ристовска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро во ОЈО Скопје, а останатите во обвинителствата од внатрешноста.

Претседателот на Советот Ацо Колевски денеска рече дека поради истекот на нејзиниот мандат во ОЈО за организиран криминал на Вилма Рускоска, Лиле Стефанова нема да се врати таму туку во ОЈО-Радовиш.

Бурим Рустеми се враќа во ОЈО, Скопје, Елизабета Јосифовска во ОЈО Гостивар, Љубомир Лапе, во ОЈО Куманово, Стевчо Донев – ОЈО Кочани, Фатиме Фетаи – ОЈО Скопје исто како и Гаврил Бубевски, Ленче Ристовска, Артан Ајро и Трајче Пеливанов.

Дали некои од предметите досега отворени од СЈО ќе им бидат доделени на овие обвинители, Колевски рече дека ќе одлучи државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Ако се проширува Јавното обвинителство, тоа треба да се прави со ново системско одделение, па треба да има оглас.

 

Од предметите за кои СЈО покрена над 20 обвиненија, само три се целосно затворени, неколку се вратени на повторно судење или се чека изјаснување на Апелациониот суд.