Издавачката куќа Темплум по 16. пат го распишува конкурсот „Новите!“, за најдобар прозен дебитантски ракопис на македонски јазик. Целта на наградата е да ги промовира и афирмира новите автори во македонската книжевност, новите тенденции во литературата, новите поетички начела, новиот пристап, новиот начин на организирање во сферата на литературата, новите обиди книжевноста да стане општествено повлијателна во секоја смисла: културно, пред сè, но и економски и медиумски…

За наградата можат да конкурираат исклучиво дебитанти кои пишуваат на македонски јазик и кои претходно немаат објавено прозна книга.

“Под проза пред сè ги подразбираме кусите или подолгите раскази и романи, но како проза ќе ги третираме и специфичните жанровски експериментални форми“, велат од “Темплум“.

Ракописите, кои се испраќаат по електронска пошта, треба да бидат напишани на кирилица во македонска кодна поддршка, со фонт 12, проред 1,5 во А4 формат. Наградата изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.

Инаку, ракописот не смее да биде подолг од 160 страници, т.е. 300.000 компјутерски знаци, а да не биде покус од 48 страници, т.е. околу 90.000 компјутерски знаци.

Ракописите може да се испраќаат до 15-ти ноември 2021 година на следнава електронска адреса: konkurs.novite@gmail.com

Наградата ќе се додели кон крајот на месец декември 2021 година.