Ќе работам на ефикасноста на општината со забрзана динамика, односно општината да одговара на време на барањата на граѓаните и да биде нивен сервис, вели кандидатот за градоначалник на Битола од СДСМ и Коалицијата, Христо Кондовски.
Тој во дебатата на Телма телевизија додаде дека ќе работи најмногу на инфраструктурата и оти даноците на битолчани ќе бидат инвестирани во капитал, кој ќе создава додадена вредност.
-Треба да се работи на креирање и на ГУП, како и ДУП-ови што го заложуваат севкупниот развој, а ќе работам и на зелената агенда. Не е прашање дали да се гради туку како да се гради, за еден метар бетон, ќе има еден метар зеленило, кажа Кондовски.
Тој уверува дека знае како да менаџира со градот и дека се што било под тепих и желба на битолчани знае како да го реализира.
-Како економист со сериозни намери имам планирано рокови, буџети и локации каде треба да се реализираат проектите, рече Кондовски.
Тој вети дека за четири години болницата, СВР Битола и други институции ќе бидат опфатени со гасификацијата.
-Мојот порив за влез во политиката е гасификацијата на Битола, рече Кондовски додавајќи дека досега недостигал менаџер кој има сила тоа да го сработи.
За четири години, нагласи Кондовски, оние 2,8 километри за кои има проект ќе се реализираат, за десет километри дополнително ќе се направи проект и ќе се завршат. Според него, првите објекти ќе бидат вклучени за четири години.
Тој додаде дека во однос на топлификацијата, за четири години ќе се приклучат болниците, СВР Битола и други институции.
-Гасификација и топлификацијата се приоритет во наредните четири години и ќе се заврши 12 километри долгата гасоводна мрежа. 35 објекти и мрежа од 12,8 километри, што се однесува до топлификацијата, ќе бидат приклучени и реализирани. Инвестициите се по милион евра, кои се обврска на Општина Битола, истакна Кондовски.